400 илјади евра за обнова на улиците

Oколу 400 илјади евра планира да потроши општина Куманово  за санирање на поголем број улици во градот во текот на годината. До крајот на април ќе заврши пролетното крпење на ударните дупки, а паралелно се отвора нова тендерска постапка за одржување на постоечката патна инфраструктура. КОП Инженеринг е фирмата која минатата година по пат на електронско наддавање го доби тендерот за летно одржување на улиците. Според градоначалникот Зоран Дамјановски, цената е најбитниот елемент во евалуацијата на самите тендери. Најчесто најниската цена е пресудна во моментот на одлучување. Тука општината нема никакви ингеренции бидејќи целата електронска постапка како што вели Дамјановски е контролирана од министерството за финансии.

 – Законот за јавни набавки дава исклучиво можност со електронско наддавање значи негативна аукција така што општите одредби од набавката се да ги има сите тие сертификати кои се потребни за изведба на овие работи, нормално дека аналогно на тоа и гаранција банковна за учество на тендерот, значи да има легитимна регуларна фирма, да има механизација, да има потпишан договор со асфалтна база или производител на асфалт  – изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

За квалитетот на асфалтната маса одговораат изведувачот  и надзорниот орган, а во општината е формирана Комисија од неколку инженери од Секторот за комунални дејности која ја контролира нивната работа. Граѓаните често се незадоволни од квалитетот на поставениот асфалт кој пропаѓа за многу краток период.

 – Дефинитивно сакам да апострофирам дека квалитетот на асфалтот е работа која треба да ја докаже изведувачот со определени атести кои ги зема од фабриката за производство на асфалтни маси и нормално со надзорот кој не е општински туку се добива на тендерска постапка, во транспарентна постапка, така што нашата  одговорност е да ги контролираме тие две институции изведувачот и надзорниот орган и врз основа на утврдените наши критериуми да заклучиме дали е тоа извршено како што треба, изјави Дамјановски.

Градоначалникот смета дека во наредниот период подобро е да се прават целосни реконструкции на улиците отколку само санирање на определени делови, за што ќе бидат потребни и поголеми финансиски средства. Инаку, претходните неколку години за летното одржување на улиците беше задолжена фирмата кумановската фирма Хуљуси, која минатата година не учествувала на јавното наддавање. Дамјановски е оптимист дека во следната тендерска постапка ќе има поголема конкуренција, за разлика од лани кога КОП Инженеринг била единствена фирма понудувач.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)