55 годишна успешна работа на ООУ „ 11 Октомври“

Основното училиште „11 Октомври“ одбележува 55 годишно постоење и успешна работа. Централната манифестација по повод патрониот празник на училиштето со приредба и ликовна работилница се одржа денеска во холот на училиштето, на која претходеа повеќе активности.  

-Бидејќи настаните околу патрониот празник и детската недела се испреплетуваат, почнавме прво со прием на првачињата во детска организација , потоа имавме спортска активност, турнир во одбојка со останатите училишта во општината, имавме распишано литературен и ликовен конкурс на тема „Горд ученик во гордо училиште“ и денеска е централната манифестација односно приредбата, а во рамките на приредбата се одржува и ликовна работилница со интересна техника, со спреј.

Освоените награди на општински, регионални и државни натпревари, но и учеството во повеќе проекти говорат за успешната приказна на училиштето во периодот меѓу двата патрони празника.

– Сега во моментов започнуваме нов проект поврзан со инклузија, успеавме со наши средства да ја подобриме инфраструктурата, односно ги реновираме училишните тоалети, а секако главниот проект што го очекуваме кој би требало да се реализира во скоро време, е проектот за комплетно реновирање на училиштето добиен од министерството за образование и наука со кој се предвидува целосна реконструкција на училишната зграда, подовите, столаријата, санитариите, изјави Елизабета Костадиновска-Костиќ, директор на ООУ „ 11 Октомври“

Наставникот по ликовно образование во училиштето Александар Стефановски, кој што е и претседател на Здружението за грижи и воспитување на децата информира дека поголемиот дел од предвидените активности по повод детската недела се реализирани.

-Приемот на првачињата се одржа со мала манифестација од три точки во кои што го кажуваа своето ветување за наредната година дека ќе бидат добри ученици, ќе ги слушаат своите професори и ќе имаат добри успеси оваа година. Дел од активностите по повод детска недела се поминати, бевме со првачињата на прием кај градоначалникот, но во најава имаме ликовна колонија со име „Мојот град“, но за промена  со мали макети ќе биде изработен градот , по повод 500 години постоење на Куманово, изјави Александар Стефановски, Здружение за грижи и воспитување на децата

Годинава, во рамки на одбележување на детската недела предвидено е да се одржат повеќе манифестации во сите училишта и градинки , меѓу нив и конкурси за поезија, проза, ликовен конкурс,  свечен прием на прводделенците во детската организација.

Коментари

коментар(и)