600 граѓани поминале сообраќајна поука

Околу 600 учесници на сообраќајни поуки регистрира полицијата минатата година кои сториле сообраќен прекршок во однос на пешаците. Со цел да се намали ваквата појава  МВР во соработка со Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведуваат  акција за поголема безбедност на пешаците, велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот. Пешаците и возачите кои што прават  прекршоци денеска добија  флаери со поука како правилно да се движат. Акцијата ја спроведоа учениците победници на општинскиот натпревар „Детски семафор “заедно со полициските службеници од СВР Куманово. Недавање предност на пешачки премин, поминување надвор од пешачки или пак поминување на црвено светло се најчестите прекршоци.

-Целта на ваквата кампања е да се стави акцент на сите учесници во сообраќајот за почитување на сообраќајните правила и прописи првенствено за осознавање на тоа дека и пешаците се дел од учесниците во сообраќајот,  да се има поголемо внимание кон нивниот живот и кон нивното здравје како учесници во сообраќајот, значи поголемо почитување кон нив,  но и почитување од страна на пешаците на правилата и прописите кои што се предвидени за нив, поминување на пешачки премин, поминување на зелено светло на крстосница регулирана со светлосни сообраќајни знаци и секако будно и со внимание преминување на улицата, да не се движат по коловози, да се движат по тротоари како и правилно движење надвор од населено место, изјави Виолета Богдановска од Оддел за превенција во СВР Куманово

Според надлежните, младите, а особено наградените покажуваат солидно познавање на сообраќајните прописи.

-Учениците на овој натпревар покажаа познавање на сообраќајните правила и прописи и нормално и применување во јавниот сообраќај со велосипеди бидејќи ова се ученици кои веќе исполнуваат еден од повеќето услови за да можат да се движат со велосипед во јавниот сообраќај, изјави Љубиша Петковски, професор по техничко образование во ООУ„Браќа Миладиновци“

За учениците  е најважно да се почитуваат правилата.

– Најважно е да се применуваат  прописите во сообраќајот, има некои невнимателни возачи,  но повеќето се внимателни, на големите одмори има гужва но секој се труди да внимава каде се движи , изјави Матеја Зафировска,  ученичка  во ООУ „Браќа Миладиновци“

На секој пешак што ќе направи прекршок му се врачува покана за сообраќајна поука.  Доколку присуствува на поуката  ќе нема санкција, а во спротивно ќе биде казнет соодветно на сторениот прекршок. За поминување на црвено светло глобата е 35 евра во денарска противвредност, а доколку се помине надвор од пешачки премин казната е 25 евра.

Статистиката покажува дека минатата година загинале 7 пешаци, а  во 21 случај по грешка на пешаците се случиле сообраќајни незгоди.  Акцијата за поголема безбедност на пешаците ќе трае до крајот на април.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)