600.000 денари за фестивалот „Денови на комедија“


600.000 денари ќе добие националата установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“, од Министерството за култура, за организирање на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2019“. Имено во првичната годишна програма на Министерството за поддршка на  културни проекти, за традиционалниот кумановски фестивал немаше предвидено средства, но по бурната реакција на јавноста, комисијата сепак одлучи да одвои средства за важниот културен настан за Куманово, стар повеќе од 20 години.

Надлежните од Центарот за култура истакнаа дека очекувале повеќе средства, бидејќи од министерството побарале два милиони денари за манифестацијата која сакале да ја подигнат на уште повисоко ниво. Тие се надеваат дека општината со ребалансот на буџетот, ќе им додели средства и на тој начин Куманово и оваа година ќе има успешен фестивал.

-Наоѓаме и спонзори, секако тука се и тие, кои ќе помогнат во организирање на фестивалот, исто така и општината, и со тие пари што ги добивме од Министерството сигурно ќе направиме еден добар фестивал, со квалитетни претстави и со реномирани театари, кои планираме да ги доведеме и оваа година. Веќе сме во преговори со некои театарски куќи, имаме некоја иницијатива, така што очекуваме добар фестивал-истакна директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски.

Инаку Центарот за култура во годишната програма за култура доби пет проекти од областа на музичката дејност, со вредност од 163.000 денари, односно за „Детски фестивал Куманово“, „Концертно предавање и концертот на Антонио пијано дует“,Концерт на Славица Петровска Галиќ и Дарко Тодоровски, Концерт на Пијано трио (обоа, фагот и пијано) и „Со љубов за љубов концерт перформанс“. Во областа на драмската дејност по 100.000 денари ќе добијат две кумановки. Симона Димковска за претставаta „Океанот“, а Владанка Димковска за претставата „Страв или 1001 лице“. Што се однесува до претставите, доделени се средства за пет театарски претстави. Но, албанските претстави очигледно повеќе вредат за Министерството за култура, па така за три претстави на македонски јазик одобрени се 1,7 милиони денари, а за две на албански јазик 1,8 милиони денари.

Коментари

коментар(и)