(ВИДЕО) 660 таблети за основци и средношколци од општината

660 ученици ќе добијат таблети од Општина Куманово. Одлуката за давање на трајно користење на движни ствари односно електронски уреди – сопственост на Општина Куманово на општински основни и средни училишта ја донесе Советот на последната седница. Во случајов и власта и опозицијата се согласија дека станува збор за хумана одлука со цел да им се олесни на дел од учениците онлајн наставата. Електронските уреди ќе се распределат на училиштата по строго утврдени критериуми, а пак училиштата се должни да формираат комисии кои што ќе ги распределуваат таблетите на учениците, земајќи ги предвид социјалната состојба, семејствата со повеќе од две деца, учениците со самохрани родители и ученици кои што посебно се истакнуваат во наставата, односно талентирани ученици.  Дел од таблетите ќе добијат и ученици Роми.

-Тоа е за поголемиот дел од таблетите. Меѓутоа на почетокот пишува дека еден определен број на таблети, 40 ќе се доделат на Роми, меѓутоа никаде не стои како ќе се доделат на Ромите, на кого, кој ќе ги распределува, кој ќе биде критериумот за распределба на таблетите. Барам од предлагачот во оваа одлука да се вметне кој ќе ги распеделува овие таблети и по кои критериуми. Дали во овие училишта кои ќе ги распределуваат таблетите ќе бидат исклучени Ромите или тие ќе имаат право да учествуваат и во училиштата и плус во дополнителните 40 наменети за Ромите, рече Драган Петковски, советник ВМРО ДПМНЕ

-И понатаму да продолжиме во подобрување на условите во образовниот процес, осовременување на наставата и помош на нашите сограѓани. Само сакам да потенцирам дека тие 40 таблети што се наменети за Ромите се во рамки на оваа бројка , 660 таблети и дека ќе се распределуваат по строго утврдени правила и според Комисија што ќе ја формира секое училиште. Ќе мора да бидат поткрепени со документи и со соодветни докази дека тоа дете претходно нема земено таблет и дека тоа семејство има токму таква потреба, рече Соња Тодоровска, советник СДСМ

Од секторот за образование појаснија дека 40-те таблети всушност се дел од Стратегијата на Роми на Владата. И за распределбата на овие таблети ќе биде формирана комисија и ќе бидат земени предвид сите критериуми, велат надлежните.

-Oвие таблети се согласно Стратегијата на Ромите, направена и потпишана од Владата на РСМ, според која има останати средства и не се искористени за намените кои што првично се дадени од Владата. Тоа се 209.000 денари кои се пренаменети, за што има договор направено меѓу Општина Куманово и Министерството за локална самоуправа и тие пари всушност се 40-те таблети наменети за Роми, од нивна Стратегија. Тие се префрлаат на училиштата, а на училиштата ќе им се достави и список на на сите ученици Роми кои во претходниот период имаат добиено, таблети, лап топ компјутери по било која основа, донација или било што што значи дека едно дете Ром не може двапати да добие таблет по оваа основа. Пропорционално е поделено, сите критериуми ќе бидат земени предвид. Инаку, ќе се формира Комисија, повратно до општината ќе бидат доставени информации за секој ученик поединечно за да видиме дали распределбата на овие електронски уреди ќе биде уредно доделена и да нема никакво прекршување на право на ниеден ученик, рече Дивна Тодоровска Величковиќ,  Сектор за образование во Општина Куманово

Дел од кумановските ученици од социјално ранливи семејства во изминатиот период добија таблети како донација од општествено одговорни компании.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)