7. седница на Советот на Општина Куманово

Општина Куманово во среда ќе ја одржи седмата седница на Советот на која ќе расправаат по 29 точки на дневниот ред.

Седницата ќе започне со годишниот извештај на Јавната образовна установа Библиотека „Тане Георгиевски“ за изминатата година, по што ќе следуваат и финансиските извештаи на приходите и расходите на оваа институција.

Пред советниците ќе се најдат и извештај за финансиското работење на ЈП „Куманово – гас“ за последните три месеци од 2017. година, а воедно ќе се разгледува и годишната сметка и финансискиот извештај на претпријатието.

Советниците ќе треба да дадат согласност за Годишниот план за вработување во текот на оваа година за Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“.

На дневен ред треба да се најде и предлог завршната сметка на Буџетот на Општина Куманово, како и годишниот извештај за изминатата година.

Советот ќе треба да одлучи и по предлог одлуките за утврдување на критериуми за распределба на блок – дотациите за основно и средно образование за 2018. година, а се очекува да донесе и оперативен план за реализација на програмата за развој на социјалната заштита во Општина Куманово 2018-2021.

Локалниот акционен план во областа на вработување, домување, образование, здравство и жената Ромка за период 2018-2020 година исто така ќе се најде на дневниот ред, заедно со предлог програмата за реализација на истиот за 2018. година.

На дневен ред ќе се најде и Предлог – Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација на Општината Куманово.

Советниците ќе треба да дадат согласност и за обезбедени финансиски средства од Буџетот на Општина Куманово за ангажирање на еден работник на привремено вработување за потребите на општинската администрација, но и за вработување на определено време на пожарникари во Територијалната противпожарна единица Куманово.

Доколку се изгласаат одлуките на Советот ќе следува разрешување и именување на нов претставник член во Управниот одбор на Јавната установа – Општински ученички дом „Професор Мијалковиќ“, како и решение за именување член на Управен одбор во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и Здравствениот дом „Куманово“.

Предлог одлуки за утврдување потреба за донесување на урбанистичко-планска документација за повеќе рурални средини во градот треба да бидат дел од седницата која во среда започнува во 10 часот во кружната сала на поранешен Комитет. Истата во директен пренос можете да ја следите на Телевизија „Плус“.

Коментари

коментар(и)