70 годишен јубилеј на „ Крсте Мисирков“

„Во изминатиот седумдецениски период поминале многу успешни генерации на наставници и ученици во нашето училиште. Сите оставиле длабок впечаток на своето време искачувајќи го училиштето на највисокото скалило на пиедесталот како во општината така и пошироко“, рече директорот Александар Јовановиќ  на свечената приредба по повод патрониот празник на основното училиште „Крсте Мисирков“ , одржана во центарот за култура. Јовановиќ меѓу другото истакна дека училиштето гордо го носи името на великанот на македонското литературно творештво Крсте Мисирков роден пред 144 години.

-На нашата генерација вработени во училиштето заедно со учениците  останува да продолжиме да го носиме успешно факелот не дозволувајќи никогаш да згасне нашето пламенче. Искрено се надевам дека со прикажаниот краткометражен документарен филм за нашето училиште за миг се вративме во историјата и е истакната богатата историја на нашето училиште, изјави Александар Јовановиќ, директор на ООУ„Крсте Мисирков“

На свечената приредба директорот Јовановиќ ја откри и тајната на успешната приказна на училиштето „Крсте Мисирков“ .

– Дојде време после 70 години да ви ја откриеме тајната на успехот на нашето училиште, а таа се состои од младоста и убавината на нашите ученици, младоста и енергијата на наставниот кадар и раководниот орган поткрепени со знаењата и искуството на повозрасните наставници од нашето училиште и сите заедно потпомогнати од родителите на нашите ученици. Сите заедно сочинуваме една нераскинлива алка која придонесувала, а ќе придонесе и во иднината да го градиме угледот на нашата институција, изјави Јовановиќ.

Јовановиќ се гордее со сите 252 ученика кои што беа дел од активностите по повод патрониот празник бидејќи го дале максимумот од себе во изведбите.  „Со вакви ученици нашата општина, но и нашата држава не треба да стравуваат  за својата иднина“ , потенцираше Јовановиќ .

 

Коментари

коментар(и)