76 години од формирањето на Трета МУБ

Општинскиот одбор на Сојузот на борците од НОБ (1941-1945)  во Куманово на 26 февруари во селото Жегљане ќе го одбележи денот на формирањето на „ Трета МУБ “. На овој датум во 1944-та година бригадата е формирана од два кумановски и еден преспанско – битолски баталјон, потсетува Благе Јакимовски од боречката организација.

-Трета МУБ е формирана на слободна козјачка територија на која што во тој период делуваат двата баталјони, кумановски , едниот е „Јордан Николов -Орце“, а вториот е „Христијан Тодоровски Карпош“. Подоцна се создаваат услови заедно со третиот баталјон, преспанско- битолски баталјон да се формира бригада. На 26 февруари 1944 година во Жегљане е формирана Трета МУБ, изјави Благе Јакимовски од Сојуз на борци, Куманово

Јакимовски ги повикува граѓаните и почитувачите на НОБ да бидат дел од одбележувањето на годишнината од формирањето на бригадата.

-Граѓаните кои што сакаат да присуствуваат на настанот, во понеделник и вторник можат да се пријават во канцелариите на боречката организација во зградата на поранешен комитет, од 10 до 12 часот. На 26 февруари во 10 часот, борците и граѓаните со организиран превоз  ќе заминат во Жегљане, изјави Јакимовски.

Одбележувањето на овој значаен настан се организира согласно годишната програма и календарот за одбележување на значајни личности и настани од НОБ на општинскиот одбор на Сојузот на борци од Куманово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)