Започна 15-от конгрес на ВМРО ДПМНЕ

„Стабилност, работни места, инвестиции, доверба, перспектива“ е слоганот на 15-от конгрес на ВМРО ДПМНЕ што денеска и утре се одржува во Центарот за култура во Куманово.  На конгресот на кој ќе се избере новиот претседател, кој ќе ја води партијата во наредните четири години, присуствуваа 523 делегати од вкупно најавените 560. Конгресот започна со поздравни писма и честитки од лидери на светските партии, меѓу кои и од претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол.  Инаку поздравни говори пред присутните имаа и претставници на коалициските партии на ВМРО ДПМНЕ, меѓу кои и претседателот на Социјалистичката партија, Љубисав Иванов Ѕинго, како и Абдилаќим Адеми од ДУИ.

На првиот ден од конгресот се обрати претседателот и кандидат за лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски кој презентираше извештај за сработеното. Тој нагласи дека партијата изминативе години покажала дека може да обезбеди перспектива за граѓаните на Македонија. Според него ВМРО ДПМНЕ заедно со коалицијата е синоним за отворање нови работни места, привлекување домашни и странски инвестиции, создавање поволна бизнис клима, инвестирање во инфраструктурата.

Во својот говор Груевски зборуваше и за предизвиците со кои што се соочувале во овие четири години, но нагласи дека ЕУ и НАТО и во иднина ќе останат стратешки интерес за Македонија.

Тој се осврна и на актуелните политички бомби на опозицијата и наведе дека сака целосна истрага на која ќе се утврди дали има прекршување на законот и кој го прекршува. Ние ќе постапуваме европски, иако баш ваков случај нема во Европа каде што шефот на опозицијата со месеци пушта нелегални материјали, а голем број на медиуми ги објавуваат, изјави Груевски пред присутните делегати.  Но според него независно дали разговорите се монтирани, лепени или сечени, тие само ги поттикнуваат да ги зајакнат односите во партијата.

Инаку во својот говор Груевски најави и кадровски промени во тимот. Тој рече дека е задоволен од достигнувањата, но според него понекогаш се потребни освежувања на функционерските места.

Тој зборуваше и за односите на Македонија со соседите, при што нагласи дека особено е тежок дијалогот со Грција. Наведе дека нема да прифатат промена на уставното име, ниту пак промени кои што ќе го нарушат македонскиот идентитет, односно дека нема да се донесе какво било решение без притоа да не се слушне гласот на граѓаните.  Од друга страна ги спомена и провокациите кои што според него доаѓале од Бугарија, а како пример за добросоедски односи ја посочи Србија, Албанија и Косово. Тој смета дека САД е  пријател на Македонија и таа соработка во иднина мора да продолжи. Груевски  истакна дека државата мора да се насочи и кон градење партнерства со Кина, Индија, Канада, Чешка, Полска.

Се очекува утре тој  да ја добие довербата од делегатиите и да продолжи да ја води партијата во наредните четири години.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)