89,9 отсто од граѓаните на Куманово гласаа „ЗА“

На прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, вчера позитивно се изјасниле 89,9 отсто од граѓаните на Куманово кои излегле на гласање, против биле 6,73 отсто од гласачите, а процентот на неважечки ливчиња изнесува 3,36.

На гласањето излегле само 36,29 отсто од граѓаните со право на глас, чија што бројка изнесуваше 92.691. „ЗА“ гласале 30.243 граѓани, „ПРОТИВ“ се изјасниле 2.265 кумановци, а неважечки биле 1.129 ливчиња.

Во Општина Старо Нагоричане  вкупно 83,82 отсто од граѓаните се изјасниле позитивно за референдумското прашање, 11,25 отсто гласале „против“, додека неважечки се 4,93% од гласовите.

Во бројки 663 граѓани гласале „за“, 89 против, а неважечки се ливчињата на 39 гласачи, покажуваат резултатите од Државната изборна комисија по пребројувањето на 100% од гласовите.

Вкупно 99,3 отсто од жителите на Липково гласале „ЗА“ на референдумот, а „против“ се изјасниле само 0,12 отсто од гласачите.

Референдумскиот ден на избирачките места во Куманово мина мирно и без ниту еден инцидент.

Единствен проблем создаваше Општинската изборна комисија која на избирачките места доставила упатства на новинарите да им се ограничи пристапот за фотографирање и снимање на избирачките места.

На избирачкото место број 1019, претседателката на избирачкиот одбор ги спречи медиумските работници воопшто да влезат на избирачкото место.

За ваквото однесување и став на ОИК Куманово и попречување на слободата на известување и информирање известени се професионалните медиумски здруженија, Народниот правобранител и невадината „ЦИВИЛ“ која вршеше мониторинг на референдумот.

До денеска напладне во Државната изборна комисија беа обработени 98,61% од гласовите, при што е утврдено дека ЗА гласале 91,48% од граѓаните кои излегле на гласање, а ПРОТИВ биле 5,64% од гласачите.

Или во бројки на прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, ЗА одговориле 605,016 граѓани, а ПРОТИВ 37.312 гласачи.

На референдумот вкупно гласале 661.393 граѓани, или 36,87%.

Коментари

коментар(и)