90 заболени на дијализа во Диаверум

90 граѓани на Куманово заради бубрежно заболување одат на дијализа во Центарот за дијализа Диаверум, а на ниво на државата бројката на заболени пациенти е над 2000. Повеќето пациенти одат на дијализа 3 пати во неделата, а постапката, во просек, трае 4 часа. Дијализата е постапка која се спроведува кај пациентите чија функција на бубрегот привремено или трајно откажала. Притоа од крвта се отстрануваат отпадните материи и вишокот на течност, која претходно ја отстранувале бубрезите, вели доктор Александра Вангелова од Диаверум.  

-На почетокот бубрежното заболување може да не даде никаков симптом затоа и се вели дека е подмолна болест. Кога веќе ќе дојде до краен стадиум на бубрежното заболување кај пациентот се појавува мачнина, гадење, повраќање, треска, замор, поспаност и тоа е тоа што го тера пациентот да дојде кај доктор и да провери првенствено крвна слика. На крвната слика ќе се покажат покачените-  уреата и креатининот, понатаму патот води до Клиниката за нефрологија  каде што пациентите се вклучуваат во процесот за хемодијализа и се препраќаат во матичните центри каде што пациентот живее, изјави д-р Александра Вангелова од Центар за дијализа Диаверум

Иако поголемиот број од пациентите се повозрасни, над шеесетина години, сепак со бубрежно заболување се соочуваат и помладите, што пак не значи дека ако одат на дијализа, не можат да работат.

-Животот се менува од корен затоа што тој има обврска три пати неделно да доаѓа во Центар за дијализа, прво одзема време, четири часа па и повеќе треба да ги помине тука, треба да биде вклучен на апарат, се менува начинот на исхрана, на живот, начинот на комукација со луѓето. Моментално имаме четворица вработени пациенти и тоа во државни установи. Тие прават промена на смена за да можат да останат во работен однос. Кај нас постои и трета смена, најчесто пацинетите што се во работен однос тогаш доаѓаат.Со текот на времето имаме и пациенти кои што доаѓаат на дијализа и над 30 години. После дијализата може да се функционира нормално. Нас ни е најтешко кога пациент што доаѓа на дијализа ќе добие друго заболување, освен хемодијализата, ние треба да лекуваме и новонастанато заболување, а ги има многу, изјави Вангелова.

Кога станува збор за трансплантација на бубрег, доктор Вангелова посочува дека најчесто младите се тие што би се трансплантирале, бидејќи кај повозрасните постои страв, но и поголем ризик од исходот од оперативниот зафат, кој се прави во соработка со Клиниките за нефрологија и за урологија и министерството за здравство.

-Првенствено се бара дали има во потесен круг на фамилијата донор значи жив донор, ако нема жив донор пациентот се става на листа на чекање за трансплантација и се чека да дојде бубрег кој ќе одговара соодветно на пациентот од кадавер значи да се направи кадаверична трансплантација. Кадавер значи починат пациент кој бил донор на жив пацинет кој е на хемодијализа, значи неговиот бубрег е во функционална состојба, но починал заради мозочна или срцева слабост. Најчесто кадаверични донори се починатите во сообраќајни несреќи, изјави Вангелова.

На ниво на државата постојат дваесетина центри за дијализа, поделени по градови, но само две фирми кои што вршат дејност – дијализа, Диаверум и Систина – Нефроплус , поделени по региони, западен и источен.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)