„Art Attack“ фестивал првпат во Куманово

„Art Attack“ е фестивал кој првпат започнува утревечер на градскиот плоштад  „Нова Југославија“. Музички настапи, уметнички перформанси,  изложба на фотографии е она што ќе се случува наредните две вечери на плоштадот кај споменикот Жена борец, велат од Фондацијата за култура и спорт.

Фестивалот првенствено ќе биде наменет за помладата публика во Куманово, вели Нино Величковски, директор на Фондацијата, која е организатор на музичко-културниот  настан.

– Сигурно дека заслужува нашата помлада популација да има ваква програма која може да биде и респектабилна и посетена од граѓаните. Во организација е на Фондацијата за култура и спорт,  поддржана од градоначалникот, советот на општината и од министерството за култура на РСМ, кое финансиски го поддржа целиот проект како град на култура. Одвои средства кои ги поделивме во делот на музичко-сценски дејности, театарската дејност и музичко-изложбената дејност. Во оваа прогама која ја поддржува и организира Фондацијата за култура и спорт ќе се случи „Арт атак“  фестивал кој ќе биде поместен во двете фестивалски вечери, рече Нино Величковски, директор на Фондацијата за култура и спорт

Фестивалот првата вечер ќе се одржува паралелно на две бини, едната ќе биде кај споменикот „Жена борец“, а втората пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, информира Марио Арангеловски , задолжен во делот на работата во музичко –сценските дејности во Фондацијата за култура и спорт.

– На „Fusion stage“ ќе настапат „Авелина“, „Of dogs and walls“, Милан Тоскиќ и Дарко Циевски, а на втората бина пред Центарот за култура ќе настапат „НБК Чанге“, „Подземан ефект“, „Ки“ и „Фолтин“. Програмата за 14ти е посветена на локалните ди-џеи, односно забава предвидена за помладата публика, иако во оваа прилика ги поканувам и повозрасните да се забавуваме сите заедно. Дадо К и Мамли ќе настапат први, а потоа Букача, Џарто и Игор Калц, рече Марио Арангеловски од Фондацијата за култура и спорт.

На градскиот плоштад ќе биде поставена и изложба на фотографии од Наташа Величковска, а Тереза Лазарев ќе има свој танцов перформанс.

Фестивалот и двете вечери започнува во 20 часот, а ќе трае до 1 часот по полноќ. Поддржан е од градоначалникот и советот на општина Куманово, министерството за култура, а е во рамки на програмата за одбележување 500 години од постоењето на градот.

Коментари

коментар(и)