Eтно село привлечно за туристите

Кумановско- козјачкиот регион изобилува со македонско културно наследство. Мегалитската опсерваторија Кокино, меморијалниот центар АСНОМ, археолошките локалитети Костоперска карпа, Визијанус, средновековната црква Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане се само дел од културните богатства  во чија што убавина уживаат посетителите. Но, за да бидат туристите комплетно задоволни од она што го нуди Куманово на туристичката мапа потребни се сместувачки капацитети кои што во моментов ги нема во доволен број. Еден од ретките комплекси кој што целосно ги задоволува потребите и барањата на туристите e Етно село Тимчевски што се наоѓа на петнаесетина километри од градот, во мирна и недопрена  природа, покрај течението на реката Пчиња.

 -Она што не чини малку посебни од останатите тоа е што ние успеавме традиционалното и модерното да го споиме во едно место.  Располагаме со еден прекрасен комплекс на отворено место до река Пчиња блиску , располагаме со 35 соби сместувачки капацитет за околу 85 луѓе, ресторант со летна бавча,  со затворен ресторан  за зимско време,  летната бавча може да собере околу 500 гости , тоа е една од услугите што ги нудиме, изјави  Синиша Станоевски, менаџер на комплексот

Комплексот Етно село располага и со 16 камп приколки, сали за состаноци и семинари,  отворени и затворен базен,  спа центар, сувенирница, мини зоолошка градина , детско рекреативно катче, спортски терени.

Овој прекрасно организиран амбиент е надополнет со вкусните традиционални македонски јадења подготвени во фурна.

За туристите , комплексот има изготвено и програма за посета на културно- историските споменици и верски знаменистости.

-Бидејќи сме некако како погранично место на северна Македонија доаѓаат гости и од соседна Бугарија и од соседна Србија, доаѓаат еден вид си организираат забави  се собираат , дали пријатели,  дали фирми си прават забава со музика, со вечера си преспиваат, утредента си имаат појадок и сето тоа е зачинето со добра забава. Ние мислиме дека не се информирани , но модерното време си го прави своето преку интернет истражуваат и доаѓаат буквално за да ги посетат тие места, изјави Станоевски.

Дека локалитетите и манастирите се доста посетени потврдува и директорот на кумановскиот музеј Дејан Ѓорѓиевски. За локалитетот Црквиште Визијанус кој што се наоѓа во непосредна близина на Етно село, надлежните посочуваат дека станува збор за се уште неистражен до крај локалитет.

-Дури откако ќе се направи  проект за негова конзервација и ќе се стави во служба на туристичките цели , бројот на посетителите ќе биде поголем. Во непосредна близина на локалитетот има и два ресторана кои што се многу посетени , изјави Дејан Ѓорѓиевски, директор на НУ „Музеј„

Надлежните од Музеј сметаат дека за зголемена посетеност на локалитетите и културното богатство во кумановско големо влијание ќе има подобрување на инфраструктурата кон локалитетите , но и  изградба на повеќе сместувачки капацитети.

Коментари

коментар(и)