KK Куманово изедначи во победите против Карпош Соколи

Кошаркарскиот клуб Куманово успеа да го победи Карпош Соколи на домашен терен со резултат 66 – 63 и да изедначи во бројот на победи во полуфиналните дуели. Двата тима потфрлија во однос на реализацијата и квалитетот на одредени сегменти од играта, но затоа возбудливата завршница и драматичниот крај оставија белег на натпреварот.  Во однос на вкупната статистика Куманово убедливо води во клучните сегменти од играта. Тимот успеа да одигра подобро и посигурно, но сепак заморот на клучните играчи го воведоа тимот во неизвесна завршница во која што Карпош Соколи дојде и до водство. На сметка на лошата реализација, двата тима играа солидно под кошевите и успеваа да одржат баланс помеѓу грешките и одработените акции. Домаќините имаа подобар процент на уфрлени топки за три поени, а гостите имаа повеќе погодоци од поле. Најдобар играч на натпреварот беше центарот на Куманово, Бојан Трајковски со 12 поени и 13 скокови. Веднаш зад него е капитенот Александар Костовски со 13 поени и 6 асистенции, а исто така добра партија покажаа и Вукашин Мандиќ со 12 поени и Ненад Мишановиќ со 10 поени и 7 скокови. Од гостинската екипа најдобар беше Филип Шепа со 13 поени. Најдобар под кошевите за Карпош Соколи беше Марко Болтиќ кој имаше 7 скокови, а во однос на асистенциите екипата има вкупно 4.

 – Тесен крај. Првиот натпревар беше психички и физички тежок во Скопје. Имавме малку време за опоравување и рехабилитација. Првиот натпревар остави траг на нас, но успеавме да се вратиме, да ги збиеме редовите, да победиме и да извлечеме изедначување. Еден спрема еден е сега, се подготвуваме за следниот меч во Скопје, повторно за 2 дена, тежок распоред, но што е тука е, како е за нас така е и за нив. Се покажавме како екипа, се боревме до самиот крај и мислам дека заслужено победивме, вели Ненад Мишановиќ, центар на КК Куманово.

Поразителна околност за гостите беше што од четиринаесет обиди за три поени не погодија ниту еднаш. Тренерот Синиша Матиќ истакна дека покрај напорниот распоред и неможноста да се игра на високо ниво во наредниот меч очекуваат победа. 

– Веројатно тој процент на шут беше оптеретувачки за нас затоа што очигледно не можевме ништо да уфрлиме. Тогаш е многу тешко да се игра на зона, со таков процент на шут за три кој го имавме.

-Првенството беше напорно. Последната недела требаше да добиеме три тешки натпревари, за да завршиме како втори. Куманово повторно имаше дуел со Работнички и тие исто така се изморени. Ова е малку нехуман ритам, затоа што мислам дека екипите на ова ниво не можат да играат, немаат долг ростер да играат на два дена. Се почувствува замор, пад на концентрација и тоа се одразува на шутот и на правење некои грешки, вели Синиша Матиќ, тренер на КК Соколи.

Кошаркарите на Куманово досега остварија една победа на гостински терен против Карпош Соколи сезонава, па навивачите се надеваат дека повторно ќе им се насмевне среќата и дека ќе слават на утрешниот меч во арената Борис Трајковски со почеток од 19 часот.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)