Koj е сопственик на Домот на АРМ?!

Кој е надлежен за Домот на АРМ во Куманово, дали со дел од просториите се уште стопанисуваат министерството за земјоделство и Државниот архив или е во прашање некоја друга институција, се обиде да дознае деновиве телевизија Плус. Поаѓајќи од одговорот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, просторот кој пред неколку години го добиле на корисничко право со заклучок на Владата е вратен на Министерството за одбрана.

 „Ние како министерство бараме простор за подрачната единица Куманово и знаеме дека условите за потребите не се на задоволително ниво бидејќи покрај нас се сместени и инспекторите од Агенцијата за храна и ветерина во истите канцеларии . Секторот за организација и координација прави напори да изнајде простор за подрачната единица Куманово“ – соопштуваат од Министерството за земјоделство.

 Од друга страна пак, Министерството за одбрана тврди дека нема надлежност над Домот на АРМ во Куманово. Според информациите од ова министерство, Домот на АРМ со одлука на Владата на РМ во април 2011-та година го дава на користење на две институции.

 „Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство со оваа одлука се стекнува со право на користење на 796 метри квадратни, додека пак Државниот архив се стекнува со 1.476 метри квадратни.  Со оваа одлука на Владата, престанува правото на користење на Министерството за одбрана и од страна на стручните служби е извршено примопредавање на објектот на горе наведените институции“ се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

 Што се однесува до Домот на АРМ, тој заедно со касарната „Христијан Тодоровски Карпош“ во 2005-та година со владина одлука беше доделен на стопанисување на локалната самоуправа во Куманово. Откако општината ги направи првичните подготвки во однос на стопанисувањето, донесе генерален и детален урбанистички план и вработи пет лица од Министерството за одбрана, во 2006-та Владата ни ги одзема правата. Градоначалникот најави дека во наредниот период спортскиот комплекс кај Домот на АРМ ќе биде дел од лицитација.

„Таму спортскиот центар е одделен и како посебна парцела во наредниот период тој спортски комплекс ќе биде дел од јавно наддавање за таа површина бидејќи Министерството за одбрана тоа го инсистираше од нас и на тој начин ќе имаме една улица која ќе пробива од тој дел од станбениот комплекс позади индустрискиот комплексот Чик и ќе излегува на улицата кон Киро Фетак, така што на тој начин ќе го одделиме физички, ќе го одделиме спортскиот комплекс од Домот на АРМ, но тоа е нешто што е по ДУП и по планот на урбано просторно планирање, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

И додека институциите си ја префрлаат топката за надлежноста, Домот на АРМ и понатаму е собирно место на бездомници, нарко уживатели, пиромани и собирачи на старо железо и пластика, иако веќе нема што да се украде од некогашниот репрезент на градот. Само голи ѕидови и цигла останаа од објектот во кој порано можеше да се влезе само со пропусница.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)