„Kumanovo Hangout Music Festival“

„Kumanovo Hangout Music Festival“, кој воедно е продолжение на минатогодишниот Џез фестивал, но во поширок обем и со многу повеќе активности, на 14ти и 15ти септември ќе донесе вистински спектакл во градот.

Организатори на настанот се „Институтот за наука, уметност, култура и спорт“ и „The Yard Lounge Bar“ од Куманово.

Фестивалот ќе се одржи на паркингот пред затворениот градски базен, каде првата вечер ќе биде посветен на џерз музиката, а ќе настапат Фирс и Кабадајас од Македонија, Висар Гучи од Косово, Дром од Грција и Васил Хаџиманов Бенд од Србија.

Втората фестивалска вечер ќе биде во знакот на поп и рок музика, а свој настап ќе имаат Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд, Нокаут, ДНК и гостите од Србија, рок групата Ван Гог.

Како што посочи Марјан Стефановски, еден од органозаторите на настанот, годинава ќе се направи процес во кој ќе се имплементира и хуманоста, а воедно и целиот настан ќе има и натпревари во кошарка, пливање и тенис.

– Понудуваме музичка нота која што ќе биде препознатлива за овој фестивал кој исто така се надеваме дека ќе биде традиционален во иднина. Сето тоа го поткрепивме со ентузијазам, кој сите во организацискиот одбор максимално го дадовме и максимално се вложивме во процесот и се надеваме дека фестивалот во однос на организацијата и се она што ќе ни претстои ќе биде доведено до една точка на извонредно организациско ниво, рече Стефановски.

Освен добрата музика, фестивалот ќе понуди и низа спортски манифестации, а собраните парични средства ќе заминат во хуманитарни цели за семејствата од социјален ризик во градот.

Уметничкиот директор на фестивалот, Филип Стефановски вели дека е тешко да се соединат вакви изведувачи во два фестивалски вечери, меѓутоа изрази надеж дека ќе има голема посетеност, со оглед дека ќе има музика и настани за сечиј вкус.

Најави дека билетите се пуштени на mktickets.mk, karti.com.mk, како и во „The Yard Lounge Bar“ и „Виртуал М“ по цена од 500 денари за партер и 1.000 денари ВИП билет и истите се блок билети за двата фестивалски вечери.

– Не можете физички да ги купите посебно, туку мора да биде глобална карта, тоа го направивме, затоа што сме свесни дека втората вечер е покомерцијална од првата и дека многу повеќе луѓе ќе дојдат втората вечер, па така да кога ќе имате еден билет во рака и ќе кажете чекај да дојдеме и на џез фестивал да видиме што ќе се случува и какви гости ќе имаме оваа година, на тој начин културното ниво во Куманово ќе го подигнеме и ќе се култивизираме како народ и град, рече уметничкиот директор Стефановски.

За една идеја да се реализира потребен е цел тим, вели Еманоил Ивановски, техничкиот директор на фестивалот, кој додаде дека спортските настани треба да го потикнат спортскиот дух кај младите кумановци.

Турнирот во тенис е започнат денеска и ќе трае до сабота, а освен тоа ќе има и натпревари во баскет и пливање.

– Организирани се три се три спортски манифестации, од кои едната ќе се одржи на 15ти септември, со почеток во 12 часот во салата на СОУ „Перо Наков“. Целата манифестација ќе трае 3-4 часа, тоа е баскет 3х3 и натпревар во шутирање тројки. Победниците ќе бидат наградени, а целиот фонд од учеството во баскет турнирот, ќе биде дониран за потребите на децата од спортските клубови во Куманово. Пливачкиот митинг е организиран исто така на 15ти септември со почеток во 9 часот, мислам дека се пријавени околу 100 учесници. Митингот ќе се одвива на неколку генерациски скалила, односно ќе се натпреваруваат во четири или пет дисциплини. За учество во митингот нема да се уплаќаат средства, а ќе се доделат медали и благодарници на најдобрите, рече Ивановски.

Двата фестивалски вечери, како што рече Милан Младеновски ќе бидат исполнети со добра музика и култирни настани кои треба да го променат правецот на живеење во Куманово.

Покровители на фестивалот се Министерството за култура, Општина Куманово, ЈП „Чистота и зеленило“, Винарија „Тиквеш“,„The Yard Lounge Bar“, „Скопска Пивара“, „АЕ Груп“, „Максимо Лајтинг“, „ТАВ Македонија“, „Градска пекара Куманово“, „Вода Маја“, „Гемак“, „Бадел“ од Хрватска, а помагатели на настанот се Црвениот Крст на Република Македонија, Кошаркарска федерација на Македонија, Кошаркарски клуб Куманово и Пливачки спортски клуб „Тумба Три“.

За следната година организаторите најавуваат уште поголем фестивал, па затоа ги повикуваат граѓаните да присуствуваат на овогодинешното издание на „ Kumanovo Hangout Music Festival“ кој во изминатите 15 години Куманово се уште го нема видено.

Коментари

коментар(и)