Mеѓународниот фолклорен фестивал во двд издание

Видео запис од трите вечери од првиот меѓународен фолклорен фестивал „Куманово“ е промовиран денеска во салата на МКЦ „ Козјак“, во организација на културно -уметничкото друштво „Панче Пешев“. Во 45 минутното двд издание присутните имаа можност во скратена верзија да ги проследат настапите на 12 –те културно- уметнички друштва и фолклорни ансамбли од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Колумбија кои што  од 16-ти до 18-ти јули годинава беа дел од фестивалот, што се одржа во центарот за култура „Трајко Прокопиев“.  На фестивалот  настапија  околу 250 учесници кои што продефилираа по градските улици пред почетокот на фестивалот, а со програма од еден час, последната вечер од фестивалот настапи и Националниот ансамбл „Танец“. Видео записот содржи и повеќе од 300 фотографии од деновите на фестивалот.

Организаторот и претседател на „Панче Пешев“, Мирослав Крстевски смета дека со успешната реализација на првиот меѓународен фолклорен фестивал постигната е основната цел на културно -уметничкото друштво.

-Сметам дека публиката како што видовте и самите и овациите што ги испратија во самата сала во центарот за култура и ова сега во МКЦ – ретроспективата, сметам дека публиката навистина беше задоволна. Мене ми е драго што успеавме да заокружиме еден проект на КУД „Панче Пешев“  поддржани од општината и од државата, како и од граѓаните и од спонзорите кои помогнаа да никне еден убав меѓународен фолклорен фестивал што беше и основната цел на КУД „Панче Пешев“. Сметам дека атракцијата на Колумбија, на „Туцовиќ“ од Белград па и сите други, бугарскиот ансамбл „Ради Радев“ и сите останати наши од Македонија , а сигурно и „Панче Пешев“ на некој начин дадоа белег на убавата македонска песна, фолклор, македонската култура, изјави Мирослав Крстевски, претседател на КУД „Панче Пешев“

Крстевски веќе за наредната година најави уште поквалитетна и побогата програма што ќе биде реализирана во рамките на вториот меѓународен фолклорен фестивал во Куманово, а интенцијата е да прерасне во традиционален.

 -Сметам дека ова е еден поттик за нас како организатори да наредната година, а морам да кажам дека веќе е направена програма кои земји, кои учесници ќе бидат , но нека остане изнедадување , сигурно ќе биде уште подобро, поквалитетно. Сметам дека ова што го правиме,  го правиме за граѓаните на Куманово , за граѓаните на РМ да донесеме нешто што можеле да го видат на телевизија во некои репортажи, во живо во Куманово, а Куманово како општина, најголема локална самоуправа во државата сметам дека го заслужува тоа, изјави Крстевски.

Промоцијата на видео записот е под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово и министерството за култура, подржана од МКЦ „Козјак“ и Фондацијата за култура и спорт.

Инаку, и оваа активност е во рамките на одбележувањето на 500 години постоење на градот и Куманово – град на култура за 2019-та година.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)