MOН: И покрај пандемијата, учебната година успешно заврши

Учебната година и покрај предизвиците на пандемијата успешно заврши, што се должи на големиот ангажман на Министерството за образование и наука како и на сите други директни и индиректни учесници во образовниот процес, рече заменик министерот за образование и наука, Арафат Шабани, во емисијата „200“ на Алсат.

„Анализите на Министерството за образование и наука се дека учебната година, особено за основните и средните училишта, завршува според очекувањата и предвидувањата што ги имавме од почетокот на учебната година. Ова беше потврдено и со истражувањето што го направи УНИЦЕФ“, рече Шабани.

Заменик министерот објасни дека враќањето на учениците со физичко присуство во училиштата зависи од епидемиолошката состојба и не треба да се поврзува со реформите на кои работи министерството.

Шабани нагласи дека фокусот на јавноста е свртен кон реформата на основното образование, но Министерството за образование и наука паралелно работи и на новиот концепт на средно образование – на стручното и на гимназиското образование, како и на усогласување на регулативата, а законите за наставници и за учебници и дидактички материјали се во собраниска процедура.

Реформите на кои работи Министерството за образование и наука се прават со единствена цел да се зголеми квалитетот на образованието и да го достигне квалитетот што го има образованието во развиените држави, објасни заменик министерот.

МОН во делот на високото образование финансира додипломски и постдипломски студии на престижни универзитети рангирани во првите 100 на светската ранг листа, но со услов по завршувањето тие да се вратат и со стекнатото знаење да придонесат во нашата држава.

 

Коментари

коментар(и)