(ВИДЕО) Богата културна програма по повод претстојните празници

Новогодишни концерти, приказни за најмалите, промоција на монографијата  – 40 години НУЦК „Трајко Прокопиев“ се дел од културните активности што ќе се реализираат деновиве во установата, информира директорот Сашо Тодоровски.

-Утре и задутре за најмладите подготвивме новогодишни приказни заедно со актерите од кумановскиот театар Дубравка Киселички, Владо Дојчиновски и Жарко Јовановиќ кои заедно ќе се дружат со децата во центарот за култура. Настанот почнува во 11 часот во среда, а во 11.30 часот во четврток. Во четврток би сакал да ја најавам изложбата во соработка со Национална галерија на Башким Меџити која ќе биде отворена во 19 часот во центарот за култура. Во понеделник во 13 часот очекуваме да ја промовираме нашата долго најавувана монографија по повод 40 години центар за култура. Ги повикувам сите заинтересирани да дојдат во фоајето на центарот за култура, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокиопиев“

Монографијата на вкупно 160 страници ги опфаќа сите позначајни културни настани и личности во градот, почнувајќи од отворањето на центарот за култура во мај 1981-та година, посочува Тодоровски.

-Во изработката на монографијата учествуваа нашите вработени. Навистина имавме еден процес кој траеше, започна уште во февруари-март, прибиравме документација, разговаравме со многу луѓе кои поминале низ центарот за култура кои што дале придонес за центарот за култура, така што очекуваме една обемна и сеопфатна монографија за работата на овој центар откога е отворен од мај 1981-та се до денес, така што се надеваме дека монографијата ќе ги опфати сите културни збиднувања во Куманово во последните 40 години. Центарот за култура навистина ја заслужуваа таа монографија која е на 160 страници, со фотографии, со изјави од учесниците кои што учествувале на настаните во центарот за култура, актери од фестивалот „Денови на комедија“, изјави Тодоровски.

Уште еден културен настан најавува Тодоровски. Станува збор за новогодишен концерт на Милена и Марко, а сите љубители на звуците на виолината и клавирот можат да бидат дел од културното збиднување во понеделник во 19 часот.

Инаку, вечерва новогодишен концерт под наслов „Генијалците на 20-от век“ ќе одржи Зоран Станишиќ на пијано.