ВИДЕО: Гимназијалци вклучени во Еразмус+ проектот „Училишно онлајн радио“

Проблеми поврзани со животната средина беше тема на мобилноста што се одржа во Кујаџак, Ајдин ,Турција од 29 ноември до 03 декември годинава во која учествуваа средношколци и професори од Гимназијата „Гоце Делчев“, заедно со ученици и наставници од Полска, Португалија, Италија и Турција. Мобилноста е дел од Еразмус + проектот  „Online school radio/ Училишно онлајн радио“.

Учениците земаа учество во работилници на кои ги претставија подготвените презентации и понатаму ги образложија горливите проблеми со кои сите заедно глобално се соочуваме, но и предложија можни решенија, информираат професорите Филип Младеновски и Александра Маневска, вклучени во проектот.

-Учениците учествуваа на разни работилници поврзани со радио снимање на емисии, подготвија интересни едукативни материјали. Координатор на проектот е Полска и веќе трета година го работиме проектот, изјави Филип Младеновски, Гимназија „Гоце Делчев“

-За време на седумдневната посета имавме средба со градоначалникот на Кујаџак, со гувернерот на областа Ајдин и со претставник од министерството за образование. Посетивме и повеќе културно- историски знаменитости, Афродизијас, Памуккале, Ефес. Дојдовме до заклучок дека секоја држава за себе си има свои проблеми со загадувањето и начин на кој што се справува со истиот, изјави Александра Маневска , Гимназија „Гоце Делчев“

Анастазија, Анастасија, Исидора, Јани и Андреј преку видео презентацијата што ја подготвиле во Турција испраќаат моќна порака: Постои проблем, но постојат и решенија и треба да се дејствува пред да биде многу, многу предоцна!.

-Имавме задача да ги претставиме еколошките проблеми. Ние направивме кратка видео презентација за загаденоста на воздухот каде што зборуваме за проблемите за да можеме некако да ги решиме. Со видеото сакаме да ја кренеме еколошката свест и свест на граѓаните за здрава животна средина. Со врсниците од четири други држави ние се запознавме со проблемите со кои се соочуваат нашите држави, беа организирани дебати, дискусии  на кои што можевме да дознаеме за можни решенија на проблемите. Посетивме повеќе културно историски знаменистости, а бевме сместени во турски семејства каде што преку престојот таму се запознавме со нивниот начин на живот, обичаите, традиционалната храна, велат средношколците Анастазија Крстевска, Анастасија Стоилковска, Јани Стојановски и Андреј Димковски.

Остануваат уште четири мобилности во рамките на проектот , што значи дека и кумановската гимназија ќе биде домаќин на наставници и ученици од  државите кои учествуваат во имплементација на проектот. Предвидено е проектот „ Училишно онлајн радио“ финансиран од ЕУ да заврши до крајот на летото наредната година.