Здружението на пчелари, „Пчела“ од Куманово активно функционира 52 години. Актуелниот претседател, Горан Митевски за телевизија Плус раскажува дека е задоволен што се активни и на едукативен план, со низа активности, но и што бројот на пчелари постојано расте, па веќе имаат над 80 членови.
-И покрај лошиот период со ковид и рестрикциите и ограничувањата што ги имаме за средби, движење и слично, сепак успеавме да реализираме неколку проекти, меѓу кои овој пчелен парк кој што се наоѓа на градскиот кеј, каде што граѓаните може да се информираат за значењето на пчелите, биодиверзитетот, и за значењето на овие посадени, сега се во мирување, растенија, едни од помедоносните кои што се значајни за пчелите. Реализиравме и еден втор проект кој што е насловен Да им помогнеме на пчелите, тој е финансиран од Владата. Помошта на пчелата ја согледавме преку пошумување, односно засадување на медоносни дрвја и грмушки и со соодветна прихрана на пчелите во периоди кога се без храна од природата-нагласи тој.
Здружението и лани, и покрај лошите услови, ја организираше традиционалната манифестација „Денови на мед“.
-Имавме слаб одзив од очекуваната бројка. Очекувавме 30 членови дека ќе се пријават но едвај 10-ина се собравме, со главна причина немање доволно мед. И изминатата година во поголем дел од кумановскиот регион беше катастрофална-дополни Митевски.
За наредниот период плановите се здружението да продолжи да им помага на пчелите и пчеларите, да се подобри пчелната паша, да се произведе млад кадар, кој во иднина ќе може да работа со пчелите. Од здружението се надеваат и дека наредните години ќе бидат подобри и нема да јави недостаток на мед и медоносни приоизводи.
