„За наше Куманово“: Недозволиви се смртни закани за дете

Граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ обвини дека нивна активистка добила смртни закани за дете. Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи.

-Згрозени сме од начинот на функционирање на поединци кои имаат за цел да се закануваат по човечки животи и да ги плашат нашите активисти. Погледнете ги следниве пораки кои се испраќани целиот овој изминат период на жена активист за нејзиното дете во време на кампања за локални избори.

Првата порака којашто е испратена на 16-ти октомври 2021, на еден ден пред првиот круг, од телефонскиот број 076 866 *** е испратена следнава порака:

„Максо нон стоп спомнува несреќен случај за некое дете води ред и твоето така да не се спомнува, а дете убаво си вози мотор. Последна опомена“.

По 5 минути, повторно уште една порака, која гласи: „Додека си таму поздрави се последен уште малку па бивши градоначалник“.

Како смеете да се заканувате за нечии деца? Загрижувачки е ова што се случува!

Но, комуникацијата не завршува тука. На 26-ти октомври во 18:22 часот, повторно уште една порака:

„Убав ден денеска на дете ти роденден, другар ти Максо го покани ли, може да биде последен роденден да се подружите”.

4 минути подоцна, уште една порака:

„Многу убаво те опоменавме да се повлечеш ама ти не. што и да се случи сама си крива“.

Според наши неофицијални информации со кои располагаме, станува збор за лице кое е поранешен осуденик и кое издржувало казна затвор, а во моментов е во штабот на СДСМ.

Овој случај е пријавен во Министерството за внатешни работи. Досега имаме пријавено многу случаи во МВР, но оваа институција не реагира.

Со кое право вршите закани врз родител жена, мајка на нечие дете испракајќи и порака дека може на нејзиното дете да му биде последен роденден!

Вака ли сакате да водите кампања за локални избори! Застрашувачки е тоа што се случува од месец септември досега во Куманово. Јавноста и граѓаните се сведок со какви се притисоци се соочува граѓанската иницијатива,со  закани, притисоци, физички напади на кандидати за советници, изнуда на средства во кампања од наш кандидат советник,
опструкција на тековни градежни работи на општината, следење, црна пропаганда и многу други валкани методи. Срамота!

Бараме МВР да спроведе детална истрага и да го заштити ова семејство, а ние ќе направиме се истото да остане аномимно за да немаат дополнителни трауми од поединци!

Ве повикувам сите кои се соочувате со закани и притисоци поради сопствено убедување веднаш да ги пријавите до надлежните институции! Закани по живот не смее да трпи никој! Секој има право на сопствен избор! Секој има право на слободно одлучување на кого ќе ја даде довербата-велат од иницијативата.