Актуелниот заменик-министер за финансии, Димитар Ковачевски е избран за нов лидер на СДСМ, на вонредните внатрепартиски избори. Ковачевски кој по потекло е од Куманово, со освоени 37.649 гласа ги победи противкандидатите Фросина Ременски и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.
Како што соопштија од Центрaлната изборна комисија на партиските избори гласеле 44.406 членови на СДСМ или 86,5 отсто од активно регистрираните. Деспотовски освои 3.319, а Ременски 2.836. Неважечки се 602 гласачки ливчиња.
Ковачевски рече дека ќе работи да се врати единството во партијата, да се продолжат социјалдемократските вредности и врз основа на нив да се градат државните политики, како и да се отвори партијата кон нови кадри.
„Вечерва СДСМ одржа уште една лекција од демократија. Денеска ќе славиме за успешните избори, но од утре треба да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа. Секогаш кога СДСМ е силен, има јасна ангеда која одлично се спроведува, државата оди напред. Мојата програма подразбира да работиме со здружени сили. Нè чека напорна работа ако сакаме СДСМ да биде таков како сите го посакуваме, силен и обединет“, рече Ковачевски, кој во говорот му се заблагодари на досегашниот лидер Зоран Заев.
Ковачевски доаѓа на местото на досегашниот претседател на партијата и премиер Заев, кој оставка од двете функции најави по поразот на локалните избори во октомври. Заев e петтиот лидер на СДСМ избран во 2013, а од 2017 е и премиер.
Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак е реизбран за претседател на партијата. На 17-от. редовен Конгрес, тој освои 489 гласови. Три ливчиња биле неважечки. На конгресот под мотото „Нова генерација за нова иднина“, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања. Мицкоски најави нов концепт на делување и ги повика сите партиски определени и неопределени граѓани да му се придружат, за конечно да биде соборена актуелната власт.
Мицкоски најави дека партијата влегува во „втора епоха“, во која е потребно да се направи „општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец во земјата, да се допре до секоја слободомислечка индивидуа и да си подадеме рака во насока на преродба на државата, обнова и промени во партијата и во државата кои ќе ја донесат новата иднина“.
„Ви говорам за општествено обединување и таа палка со себе и пред себе ја зема ВМРО-ДПМНЕ и тој процес имам намера да го предводам со широко отворени раце пред секој еден човек и ги повикувам сите слободни индивидуи кои низ годините се распослаа низ светот, кои се демотивираа поради отсуството на организирано делување и станаа тивки пред неправдите, ги повикувам сите оние кои имаат свој став, кои имаат свое дело и почит кон себе и оваа наша земја, кои имаат визија, а кои губеа надеж низ годините, и кои се чувствуваат поразени не затоа што не се во право туку затоа што овие триесет години сите нас нè разединија, за полесно да владеат таквите медокритети, да им кажеме едно нешто – се обединуваме. Се обединуваме како тенки гранки собрани на едно место и во еден сноп кои стануваат непобедливи и нескршливи, и тој процес ВМРО започнува да го води по овој конгрес“-истакна тој.
Мицкоски дојде на местото на Никола Груевски на вонаредните внатрепартиските избори во декември 2017-та година.
