Колку „тежат“ кумановските пратеници?

Атикорупциската комисија ги објави анкетните лостови за имотната состојба која новите пратеници ги доставиле по стапувањето на функциите. Од пратениците од Куманово некои имаат „се“, а некои „се сиромашни“.

Оливер Спасовски од редовите на СДСМ е меѓу оние со повеќе имот. Располага со две куќи во заеднички вредност од 8,6 милиони денари, од кои едната стекната во 2012 година. Од земјишта Спасовски има имот вреден 3.389.326 денари, а располага и со земјиште од 37.000 метри квадратни. Во својот возен парк има „Шкода Фабија“ од 2008 година и „Пежо 307“. На своите платежни картички располага со 410.000 денари, но има и кредит во износ од 600 илјади денари кои треба да ги исплаќа до 2020 година.

Со значително долга имотна листа е и поранешниот претседател на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски. Тој има куќа вредна 10 милиони денари, деловен простор од 600.000 денари, но и низа земјишта во негова сопственост, неговата сопруга, како и родителите во вкупна вредност од 3,8 милиони денари. Располага и со богат возен парк. Вози „Опел Астра“ од 1995 година, неговите родители имаат„Махиндра Џип“ од 1996 година, а сопругата Мерцедес А класа од 2000 година.

Со својата сопруга имаат сопственички удел во вкупна вредност од 364.800 денари. На штедните книшки на своите деца има разни девизни износи. Во кеш има милион денари, а златен семеен накит од 5.000 евра.

„Пука сиромаштија“ кај Иван Стоилковиќ од ДПСМ. Во својот анкетен лист пријавил само стан од 102 метри квадратни, земјиште од 700 метри квадратни и „Ауди“ од 2010 година, но не навел колкава е вредноста недвижниот и движниот имот.

Нешто слична е и анкетната пријава на Зоран Ѓоргиевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Има стан од 118 метри квадратни и куќа од 214 метри квадратни во Куманово, како и зграда во Старо Нагоричане од 208 метри квадратни. Во истата општина има и земјиште од 6.143 метри квадратни, но за своите недвижнини ја нема наведено вредноста. Се вози во „Фолксфаген Пасат“ од 1998 година и „Фолксфаген Поло“ од 2004 година. Од заштета неговиот брачен другар има денарска сметка од 234 илјади денари.

„Сиромаштија“ и кај пратеникот Реџаил Исмаиљи од ДУИ. Тој поседува куќа од 9 милиони денари, „Ауди А6“ од 1999 година вреден 300.000 денари и кредит од 3 милиони денари.

Коментари

коментар(и)