Кривопаланчанецот Андреј Јакимовски кој настапи за екипата на Олимпија Милано беше прогласен за најефикасен играч на турнирот. Јакимовски втора сезона настапува за ПМС Торино, Италија, а на “Next generation” турнирот,во викендот што измина, настапи на покана на Олимпија Милано како перспективен играч на кој му претстои светла кошаркарска кариера.
– Самата покана за учество на турнирот ја прифатив како гест на подадена рака од реномираниот Олимпија Милано клуб, а воедно истата дојде како признание и препознавање на мојот учинок во претходната и оваа тековна сезона, за мојот сегашен клуб.Најпрвин, привилегија беше да се биде во елитното друштво на моите драги колеги и соиграчи од серија А тимовите.Турнирот се играше во четири групи, со по четири екипи, јас настапив во групата со Пистоја баскет, Ваноли Кремона и Реџио Емилиа, сите клубови за почит, со одлични играчи, против кои беше чест да се игра, а искуството добредојдено за надградување, изјави Јакимовски.
На натпреварот против Пистоја баскет Јакимовски, како најдобар стрелец, постигна и 21 поен и 17 скокови, против Ваноли Кремона даде 29 поени и оствари 13 скока,додека на мечот со Реџио Емилиа има учинок од 21 поен и 7 скока, што го вброи во топ четири играчи на турнирот, со највисок коефициент на ефикасност, 39.
-Радува фактот да се биде на листата најистакнати поединци на целиот престижен турнир, јас го добив признанието за најкорисен играч, заедно со најдобриот стрелец Матео Паравичини, Алесандро Ариази, најдобар асистент и Елхаџи Тиуоне, најдобар скокач. Привилегија и чест ми беше да бидам дел од целиот настан кој има за цел да промовира талентирани млади играчи, што сметам дека е одлична можност да се покажеме во најдобро светло, додаде Јакимовски.
Упати благодарност до Олимпија Милано и до матичниот клуб ПМС Торино. Втора сезона седумнаесетгодишниот Андреј Јакимовски настапува во ПМС Торино, Италија, каде премина од КК Феникс 2010, Скопје, каде пак една ипол сезона играше по седумгодишен тренинг и настап за првиот-матичен клуб КК “Крива Паланка”. Јакимовски е репрезентативец на Македонија во јуниорската селекција до 18 години, со која летово настапи на Европското првенство Б дивизија до 18 години, што се одржа во Скопје,а на повеќето натпревари беше најдобар стрелец на Македонската репрезентација.
