Кумановци осомничени за бесправно сечење дрва

Секторот за внатрешни работи Куманово, исто така, поднесе кривична пријава против Б.К. (38) и З.А. (58), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „пустошење шума“,и против С.М. (59) – вработен во ЈП „Македонски Шуми“ – Шумско стопанство „Куманово“  на работно место чувар на шуми, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Во текот на 2016 година, Б.К. и З.А. постапиле спротивно на Одобренијата за сеча издадени од Шумскот стопанство „Куманово“ и од катастарска парцела за катастарска општина Цветишница, сопственост на З.А. и бесправно исекле околу 140 кубни метри дрво и дрвни сортименти. При сечата, пријавените  уништиле уште 41 садница од видот бел габер постари од пет години со што се стекнале со противправна имотна корист од 982.000 денари.

За полесен пристап до катастарската парцела, каде што вршеле сеча на дрво и дрвни сортименти, Б.К. ангажирал работна машина багер и спротивно од одребите на Законот за шуми, изградил пристапен пат низ други катастарски парцели, со кој зафатил повеќе од 1.000 метри квадратни простор и искорнал 11 млади садници од шумскиот вид бука, а извадил и 23 стебла букова шума во количина од 51 кубен метар.  На тој начин на сопствениците на имотите им нанел штета во висина над 5 илјади евра.

С.М., вработен како чувар во Шумското стопанство „Куманово“, во четири наврати во 2016 година извршил контрола на реонот и забележал дека од страна на Б.К. и З.А. се врши бесправна сеча на дрво и дрвни сортименти. Тој не извршил пребројување на бесправно исечените стебла и истите не ги евидентирал во книгата, не извршил означување на направената шумска штета со втиснување на жиг, ниту пак случајот го пријавил на друг надлежен орган, туку само општо и произволно запишал во шумочуварскиот дневник дека забележал бесправна сеча. На тој начин С.М. ја злоупотребил службената положба и овластување.

Кривични пријави за бесправна сеча се поднесени и против тројца жители на Крива Паланка кои се стекнале со противправна имотна корист од 15.000 евра.