Коалицијата предводена од СДСМ вчеравечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ пред граѓаните на Куманово ги промовираше кандидатите за пратеници во втората изборна единица, но претставија и дел од својата програма за предвремените парламентарни избори.
Како што потенцираше носителот на листата на СДСМ во втората изборна единица, Оливер Спасовски со планот за живот во Македонија ќе помогнат на домашните компании да вработуваат повеќе луѓе, младите да отвораат сопствени бизниси, а институциите да работат во интерес на граѓаните со цел младите да ги задржат во државата.
За најдобрите бизнис идеи ќе обзбедиме по 10.000 евра неповратни средства за да можат да отворат сопствен бизнис, ад се вработат себе си, но и да вработат други луѓе. Ќе овозможиме отворање на фирма со само едно евро оснивачки капитал, ќе воведеме поврат на данокот на додадена вредност и ќе ги намалиме трошоците за да повеќе пари останат кај граѓаните. Ќе ја укинеме радиодифузната такса, а Македонската радиотелевизија ќе ја направиме национален сервис со кој ќе се гордееме. Во првите сто дена трајно ќе го решиме проблемот на сите стечајни работници во Република Македонија, ќе ја вратиме ефтината тарифа на електричната енергија за подобар живот на сите граѓани во Република Македонија – рече Оливер Спасовски, носител на листа на СДСМ во ИЕ2.
Дел од обраќањето на Спасовски беше насочено и со критика до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и носителот на листата во втората изборна единица, Никола Тодоров.
Кога граѓаните го видоа нивното вистинско лице почнаа да зборуваат за федерализација и двојазичност. Сакам да им порачам, Македонија ќе биде поединствена и посилна држава него што беше во овие 10 години, а Македонија ќе биде и послободна и подемократска, каок што беше Куманово кое е четиријазично. Овие нивни ставови претставуваат само страв од лежење во затвор и самопропаганда која што ја шират пред граѓаните на Република Македонија – додаде Спасовски.
Според Максим Димитриевски, кандидат на листата на СДСМ во Куманово никој во државата не барал федерализација, туку целта е да се влезе во големото европско семејство.
Заедно со граѓаните и со сите вас да ги изедначиме граѓаните, бидејќи создадоа општеството на нееднакви луѓе. Денеска зборуваме за социјална држава, за еднаквост, а оние кои имаат по 7, 8 и 10 стана плаќаат ист данок како оној што едвај успеал да земе кредит и да ислаќа еден. Тоа ќе го укинеме, тие што имаат повеќе ќе мора да плаќаат повеќе, за да тие што имаат помалку можат да се изедначат со нив – рече Максим Димитриевски, СДСМ.
Свои обраќања пред присутните имаа и Фросина Ташевска Ременски, Курто Дудуш, Мухамед Зекири, Лиле Поповска кои промовираа дел од програмата.