ВИДЕО: СДСМ: Нов Генерален урбанистички план и обновување на фасадите на старите згради

Новиот Генерален урбанистички план, што во предизборната кампања го најавуваат СДСМ и коалицијата предвидува изградба на две нови населби во Куманово. Ова денеска на прес-конференција го соопшти Владимир Петрушевски, кандидат за советник на СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Освен новиот ГУП, во програмата е предвиден и проектот „Обновување на фасадите на старите згради и објекти“.

„Во првите месеци од мандатот се заложуваме за донесување на нов Генерален урбанистички план односно ГУП. По повеќе од 2 децении, Куманово конечно ќе се развива хумано, организирано и согласно јасни правила. Нема повеќе од секоја куќа да никнува зграда во градското подрачје. Планот предвидува изградба на две нови населби со проширување на општината во два правци: од Зелен Рид и Гоце Делчев кон Биљановце, и од Тоде Мендол кон Романовце. На овој начин ќе може легално и одговорно да се гради во населбите Карпош, Перо Чичо, Иго Тричковиќ и Ајдучка Чешма. Оваа урбанистичка стратегија ќе овозможи систематски и одржлив развој на градот, подобрување на инфраструктурата и квалитетот на животот на жителите. Во Програмата, поврзано со донесување на нов ГУП, предвиден е и проектот „Обновување на фасадите на старите згради и објекти““, кажа Владимир Петрушевски, кандидат за советник од СДСМ и коалицијата.