Библиотеката збогатена со 350 нови наслови

Градската библиотека „Тане Георгиевски“ го збогати библиотечниот фонд со 350 различни наслови на македонски, албански, српски и англиски јазик односно вкупно 1.101 книга. Библиотеката претходно во текот на минатата година набави нови наслови од белетристика, а обновен е и фондот на лектири за средношколците и основците.

Во оваа посебна набавка од 9 издавачки куќи набавени се книги од вкупен износ од 470.000 денари од кои поголем дел се на македонски јазик и останатите се на српски, албански и англиски јазик со тоа што значително е збогатен библиотечниот фонд – изјави Марјан Петковски, директор на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“.

Како што потенцираше директорот на библиотеката, Марјан Петковски продолжува тенденцијата на зголемување на бројот на зачленети корисници, но и бројот на студентите кои ја користат читалната на библиотеката.

Исто така забележителна е фрекфенцијата во библиотеката воопшто, но би истакнал дека зголемен е бројот за користење на читалната од страна на студентите со тоа што дневно имаме околу 40 до 50 студенти кои ја користат читалната, но нашите услови не овозможуваат толкав капацитет на студенти да бидат сместени во читалната, така да дел од нив ги сместуваме долу во долната читална кај што се компјутерите. Имаме и дополнително вадиме маси од магацини и столови за да  овозможиме да ја користат читалната на сите за да не биде некој вратен  да не му биде оневозможено користење на читалната – додаде Петковски.

Покрај зголемувањето на бројот на книги и читатели, библиотеката по 25 години благодарение на домаќинското и рационално работење изврши набавка на ново возило.

Првенствено би требало да послужи како подбижна библиотека за да бидеме достапни за корисниците од подалечните места, односно во руралните средини за да бидат овозможени тие услови првенствено да бидат исполнети и други услови за кои што се надевам дека оваа година надлежните министерства ќе имаат разбирање за нашите потреби – рече Петковски.

Само минатата година биле запишани над 4.000 членови кои ги користеле услугите библиотеката која располага со книги од секој жанр и за сечија возраст.

Коментари

коментар(и)