Вработени во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ заедно со членови на здружението „Кумановски акцијаши“ денеска организираа акција за чистење на Спомен костурница. Освен извршувањето на редовните активности, „Чистота и зеленило“ периодов ги поставува и новите контејнери кои беа добиени како донација, а подолг временски период беа сместени во депото на пајак службата. Надлежните посочуваат дека дел од новите контејнери веќе се распоредени во руралните средини, а ќе се продолжи во населбите и централното градско подрачје.
-ЈП секојдневно редовно ги обавува своите функции, редовно се чисти, сега поради есента, поради паѓањето на лисјата, обемот на работата малку е зголемен, затоа што листот редовно го сервисираме, го собираме, не само на Спомен костурница, туку низ целото централно градско подрачје, како на улиците, на тротоарите така и на јавните цветно -зелени површини. Покај редовно сервисирање на сметот во градот, во овој период имаме и разнесување на новите контејнери кои што ги имаме добиено како донација, дел од нив веќе се однесени во руралните средини со што на самото јавно претпријатие ќе му се овозможи полесно собирање и сервисирање на сметот, а ќе имаме и поубава и почиста животна средина. Контејнерите и во централното градско подрачје редовно секојдневно ги заменуваме, старите, истрошени, хаварисани ги отстрануваме, а на нивно место поставуваме нови контејнери, мислам дека во наредниот период сите улици и во централното градско подрачје каде што веќе се определени местата за поставување на контејнери ќе се заменат со нови, и во приградските населби и во руралните средини, значи целокупното градско подрачје и руралните средини и населбите што ги сервисираме ќе добијат нови контејнери, изјави Цветанка Ивановска, директор на ЈП „Чистота и зеленило“
Продолжува и современиот начин на депонирање и одлагање на сметот во градот. Полуподземни контејнери со капацитет од пет метри кубни ќе бидат поставени на уште неколку локации во градот, најавија надлежните.

– Полуподземните се покажаа многу ефикасни, во централното градско подрачје каде што ги има, нема веќе диви собичи на пластика, кучињата скитници веќе не го расфрлаат сметот, нема ширење на непријатна миризба, нема застој во сообраќај, многу побрзо се собира сметот, значи има многу предности. Имаме уште полуподземни контејнери кои ќе бидат поставени во централното градско подрачје, во наредниот период и тоа ќе го завршиме, изјави Ивановска.
Позитивните искуства од поставувањето на вакви контејнери Куманово ги црпи од градовите од европски држави. Полуподземните контејнери имаат значителен капацитет за собирање на смет, поедноставни се за одржување и се скратува времето на собирање на сметот.

