(ВИДЕО)Болницата со оптимистички планови за годинава

Повторно се актуелизира отворањето на Центар за дојка во кумановската болница, проект кој се најавува последните неколку години, а се уште не е отпочната реализацијата. Лекарите посочуваат дека таков центар е неопходен заради скрининг и рано дијагностицирање на болестите на дојка, а ќе пружи и адекватен третман на пациентките од Североисточниот регион. Кумановската болница годинава сака да стави акцент и на третманот на граѓаните со малигни заболувања, кои што за секоја хемотерапија и зрачење се упатуваат на Универзитетската клиниката за радиологија и онкологија во Скопје. Но, дали плановите ќе се остварат зависи од тоа дали годинава пандемијата ќе заврши и дали болницата ќе има доволно финансиски средства да ги реализира предвидените проекти, велат надлежните.

-Планираме набавка на одредена апаратура, уште претходните години планиравме да отвориме Центар за дојка, еве го збориме толку време и мамоматот, и не е само тоа, туку воопшто сакаме да ставиме акцент на третманот на луѓето болни од малигни заболувања, бидејќи факт е дека на ниво на цела држава, но, не само во државата, туку и во регионот, расте бројот на пациенти со малигни заболувања, кои се упатуваат во Скопје. Би сакале да направиме едукација на тим, да адаптираме простор во кумановската болница каде би можеле да пружиме здравствен третман, ако ништо друго, барем примање хемотерапија на ваквите пациенти. Јавната набавка за гас е во тек, така што час поскоро и официјално ќе започне греењето на гас. Пробното се покажа добро, за жал, цената на енергенсите на светско ниво расте, така да на почетокот нема да имаме преголема заштеда, но од еколошки аспект тоа значи многу, значи дека нема да бидеме на списокот на загадувачи, е сега ако понатаму има загадување треба да се бара на друго место, изјави Снежана Захариева, Општа болница Куманово.