По најавата од општината дека Куманово нема новогодишно да се украсува, туку предвидените два и пол милиони денари ќе бидат пренаменети за реализација на енергетско ефикасен проект на објект од јавен карактер, граѓаните со поделени мислења околу трошењето на буџетските средства. Повозрасните кумановци го поздравуваат предлогот на градоначалникот Максим Димитриевски потенцирајќи дека во време на пандемија, економска и енергетска криза, не треба да се трошат пари на новогодишно осветлување , елка и украси туку да се помогне на социјално ранливите категории. Помладите пак, сметаат дека доколку не се украси градот, кумановци нема да ја почувствуваат новогодишната атмосфера.
И минатата година општина Куманово ги пренамени средствата наменети за одржување на празничниот концерт, огнометот и новогодишното украсување, за набавка на таблети и друга електронска опрема потребна на учениците за онлајн наставата.
