Голем интерес од кумановци за аплицирање на третата доза од вакцината против ковид-19, особено од повозрасните. Но, како што информираат од Здравствен дом Куманово паралелно тече и процесот на имунизација со првата и втората доза, а се поголем е бројот и на помладите граѓани кои што сакаат да се заштитат од коронавирусот.
-Досега се имунизирани над 2.000 луѓе со трета доза, воглавно се лица кои ги примиле кинеските вакцини на „Синовак“ или „Синофарм“, три месеци после втората доза, но секако има и лица кои се вакцинирани со вакцината на „Фајзер“ или на „Астра Зенека“ и шест месеци после втората доза тие може да ја примаат третата доза. Досега се вакцинирани над 44.000 граѓани со две дози. Досега најмладо лице вакцинирано со трета доза е лице на 22 годишна возраст, додека најстаро лице е 80 години, изјави д-р Монализа Мемети, Здравствен дом Куманово
Лекарите препорачуваат трета доза на вакцината против ковид -19 на сите граѓани кои што имаат здравствени проблеми односно хронични болести, на лицата кои се изложени на голем ризик за инфицирање со ковид вирусот од причина што третата доза дава подобра заштита на организмот.
-Нема реакции од третата доза, сите лица кои ја примаат воглавно ги имаат сите несакани реакции како и при примање на првите две дози, мали несакани реакции како што се болка на местото на убодот, лесна главоболка и симптомите максимум траат до три дена. Во нашиот пункт досега се вакцинирани доста деца, лица на возраст од 12 до 18 години и има доста родители кои се заинтересирани да ги вакцинираат своите деца. Моментално се аплицира вакцината на „Фајзер“ како прва доза, а отпочеток кај децата се аплицираше само вакцината на „Фајзер“ бидејќи е единствена вакцина одобрена да се аплицира кај нив, изјави д-р Монализа Мемети, Здравствен дом Куманово
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во Куманово од почетокот на епидемијата изнесува повеќе од 12.000 лица, а бројот на активни случаи во нашиот град е над 430.
