Од денес стапи во сила еколошката мерка според која се забрануваат пластични кеси, а во трговијата ќе бидат дозволени само биоразградливи кеси кои на купувачите ќе им се продаваат по цена од 15 денари. Останува неизвесно дали граѓаните ќе почнат да ги менуваат своите навики при купување, односно ќе почнат да користат платнени торби за пазарење или пак ќе одвојуваат од домашниот буџет по 15 денари за секое одење во продавница, маркет, месара, пазар…
Голем дел од граѓаните кои ги анкетиравме денеска велат дека има многу нејаснотии во новата еколошка мерка и во најбрзо време да се донесат измени и дополнувањ на новиот Закон за управување со пакување и отпад. На граѓаните им е јасно дека законот треба да ја намали загаденоста на околината со пластичен отпад, но нејасно е како тоа ќе се стори ако се земе предвид дека апсолутно сите производи од храна, сокови или било кои прехранбени продукти всушност се спакувани во пластични амбалажи.
Помал дел од анкетираните кумаовци ја поздравуваат новината бидејќи на тој начин се придонесува за заштита на животната средина.
Исклучок од плаќањето на надоместок се многу лесните пластични кеси за носење на стоки чијшто дебелина е пониска од 15 микрони, посочуваат надлежните.
„Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба. Производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост“, велат од министерството за животна средина.
Оттаму посочуваат дека новиот правилник за стандардите за биоразградливост е донесен и се очекува неговото објавување во наредниот број на Службен весник. До неговото стапување на сила важи постојниот Правилник.
Инаку, секое непочитување на овој закон повлекува и глоба во износ од 9.000 до 10.000 евра за микротрговци, од 18.000 до 20.000 евра за мали трговци, од 53.000 до 59.000 евра за средни трговци и од 89.000 до 98.000 евра за големи трговци за прекршок на правно лице според прекршочни санкции од прва категорија, доколку податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените кеси не ги пријавува кај стручниот орган согласно членот 10 став (5) од овој закон, пишува во Законот.
Според прекршочни санкции од втора категорија, глоба во износ од 13.000 до 14.000 евра за микротрговци, од 25.000 до 28.000 евра за мали трговци, од 76.000 до 84.000 евра за средни трговци и од 126.000 до 140.000 евра за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице, доколку пушта на пазар пластични кеси за носење стоки спротивно на членот 10 (кој забранува пуштање пластични кеси во употреба), произведува и/или пушта на пазар пакувања кои не се изработени согласно барањата од членот 12 од овој закон и уште многу други потточки, велат во Министерството за животна средина и просторно планирање.
