Вакцинацијата против сезонски грип почна денеска во центрите за јавно здравје во земјава. Набавени се 40 000 четириваленти вакцини, а граѓаните кои се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk добиваат СМС пораки во кои им е биде напишан датумот, часот и местото за вакцинација.
Во кумановскиот Центар за јавно здравје голем е интересот за бесплатната вакцина против сезонски грип наменета за хронично болните, граѓаните над 65 – годишна возраст, за бремените жени, децата и здравствените работници.
„Само во текот на денешниот ден ќе бидат вакцинирани повеќе од 210 кумановци“, информира началничката на епидемиолошкото одделение д-р Јадранка Стаменковска.
– Во текот на овој ден имаме преку 210 лица закажани. Заинтересираноста кај граѓаните оваа година е голема. Центарот за јавно здравје ќе работи и во саботите на закажани термини, со тој интензитет ќе се продолжи и во текот на наредната недела. Самите граѓани можат да ја закажат вакцинацијата на сајтот вакцинација.мк, тоа се пред се оние граѓани со хронични заболувања, лица над 65 години со намален имунолошки систем, како и бремените жени, здравствените работници и децата на возраст до шест години. Од центарот за јавно здравје има обезбедено и комерцијални вакцини кои што оваа година ќе бидат по цена од 800 денари, исто така и таа вакцинација оди паралелно, така што очекуваме дека граѓаните ќе го пројават својот интерес што понавремено да ја завршат вакцинацијата, изјави д-р Стаменковска.

За комерцијалната вакцина граѓаните не треба да закажуваат термин, туку да дојдат директно во Центарот за јавно здравје. На ниво на државата набавени се 11.000 комерцијални вакцини.
Инаку, доколку постои интерес ќе се организира и теренска вакцијација, особено кога станува збор за корисниците на услугите на Домот за стари лица или пак за стари и изнемоштени лица кои што не можат да ги посетат пунктовите за вакцинација во болницата, вели д-р Стаменковска. Надлежните посочуваат дека голем број граѓани кои што примиле вакцина против ковид, сега ја примаат и вакцината против сезонски грип.
-Во текот на денот дојдоа и граѓани кои веќе примиле вакцина против ковид, а денеска против сезонски грип, тоа се оние лица кои што редовно се вакцинираат и веќе го чувствуваат бенефитот од вакцинацијата против сезонски грип. Во упатството стои дека истовремено можат да се дадат и двете вакцини во истиот ден, вакцина против ковид и против сезонски грип, но ние практикуваме барем две седмици пауза меѓу вакцините, изјави д-р Стаменковска.
Што се однесува до евентуални несакани последици од вакцината против сезонски грип, надлежните потенцираат дека освен опишаните локални реакции во упатството, како што се болка на местото на убодот, можеби мало црвенило, блага болка или евентуално лесно покачена температура, не очекуваат некои посериозни реакции од вакцинацијата.
