(ВИДЕО) Проблемите на месните заедници пред локалната власт

Невладиното здружение „Мајка“ со претставнички на месните заедници Биљановце, Пчиња, Табановце и населбата Перо Чичо на работен состанок во општина Куманово ги презентираа проблемите со кои се соочуваат во своите места на живеење со цел локалната самоуправа да помогне во нивното решавање. „Иницијативата е добредојдена, иако општина Куманово изминатиот период ги детектираше проблемите и поголем дел од нив веќе се ставени во програмата на градоначалникот за реализација во наредниот период“, вели Александар Крстевски од општина Куманово.

-Секоја месна заедница и село детектирале реални проблеми, 90 проценти од тие проблеми се комунални, кои веќе ги знаеме и се ставени во програмата на градоначалникот бидејќи претходно ние правевме една наша анализа за да видиме кои се реалните и да ги детектираме тие проблеми кои може во најбрз временски да ги отстраниме. Тоа се патишта, канализација, вода, уредување на некои училишта, јавни површини, изградба на детски катчиња, спортски комплекси, изјави Александар Крстевски, општина Куманово.

-НЗ „Мајка“ со жени од повеќе месни заедници во претходната година работеше на нивно зајакнување за застапувачки вештини. Денеска имаат можност директно да ги прикажат своите проблеми и потреби пред претставниците на локалната самоуправа, односно општина Куманово и да сознаат што општината планира за следниве години, што во нивните локални заедници ќе се работи. Мислам дека жените беа задоволни од средбата и ние како организација сме задоволни што општината е отворена, транспарентна за соработка и според нивните можности и средства со кои што располагаат ни ветија дека дел од оние проблеми што ги имаат овие жени ќе бидат прифатени и ставени во програмата и буџетот за 2022 година, изјави Лидија Илиевска, ХЗ „Мајка“.

Изградба на водоводна и канализацона мрежа во селата Пчиња и Табановце, воспоставување редовна автобуска линија од Куманово до Табановце и патна сигнализација е она што најмногу  им недостига на жителите од повеќето месни заедници.

Детектирањето на проблемите и нивно претставување пред локалните власти е една од активностите на невладиното здружение  „Мајка“ во рамките на проектите „Жени гласноговорнички – Вклучи се, побарај гласно! “ и „Институционална поддршка на „Мајка“ – Активна за мое и твое добро!“.