ВИДЕО: Во болницата отворена неонатолошка амбуланта за новороденчиња

Во кумановската болница за прв пат е отворена неонатолошка амбуланта. Стручен тим од неонатолог, специјализанти и други лица, ќе се грижи за здравствената состојба на новороденчињата. Родителите ќе имаат можност да добијат помош, преглед и советување за бебињата. Амбулантата е опремата со донација на струмичката компанија „Стримон Тивер“. Услуга ќе можат да добијат сите без оглед дали бебињата се родени во болницата во Куманово, или во некоја друга здравствена установа. Прегледите ќе се закажуваат преку „Мој термин“. Целта е да се следи развојот и здравствената состојба на новороденчињата.

-Во нашето родилиште се раѓаат новороденчиња кои поголем дел од нив се здрави, но има и новороденчиња кои имаат проблем во адаптацијата, и кај таквите новороденчиња потребно е ние тимот, кој работиме на одделот неонатологија со полуинтензивна нега да делуваме соодветно, со цел периодот на транзиција трае што е можно пократко. Понатаму се раѓаат новороденчиња коишто бргу се адаптираат, но во првите 24 часа имаат некаков проблем. Тој проблем се манифестира од сите органски системи, најчесто проблеми со кои се справуваме овде се раните неонатални инфекции, умерени асфиксии, умерени конвулзии коишто лесно се третираат. Умерен респираторен дистрес кој не трае подолго од 72 часа и таквите новороденчиња ние ги третираме и тие малку попролонгирано остануваат на нашиот оддел-истакна д-р Александра Христова, спец. педијатар и субспецијалист неонатолог.

Неонатолошката амбуланта ќе соработува со детското одделение при кумановската болница. Инаку оваа здравствена установа која го опслужува североистокот, досега немаше проблем со дефицит на педијатри.

Никогаш не сме имале неонатолошка амбуланта, а веќе подолг временски период немавме ниту неонатолог во болницата. Знаеме на ниво дека на цела држава имаме еден голем дефицит на педијатри, за среќа кај нас не е толку голем овој дефицит, имаме и подмладок, така што оние кои заминуваат во пензија ги заменуваат нови, млади лекари педијатри. Просторот го опреми фирмата, Стримон Тивер Струмица се работи за донација. Тие препознаа желба и волја за работа и опремија комплетно амбулантата, нема потреба од големи вложувања по однос на апаратура, но мебелот, она што требаше да се адаптира како простор, тие го средија комплетно, а овде освен обични прегледи ќе се вршат и прегледи на слух на новородено, имаме апарат се прави скрининг, некои кои се породени на друго место па немаат направено преглед ќе можат овде да го направат тој преглед. Постои тренд како на ниво на цела држава, да се намалува бројката ќе видиме колку ќе ја завршиме годинава. Порано имавме и над 1000 па 900, мислам дека таа бројка ќе биде и до крајот на годинава-истакна директорката на Општата болница во Куманово, д-р Снежана Захариева.

Здравствените лица укажуваат дека како и во земјава и во регионот  опаѓа бројот на новороденчиња.  Претходните години се движеше над 1.000, па 900.