Општина Куманово го избра најдобриот сувенир за 2021 година. Станува збор за слика на стакло, на која е претставен Занаетчискиот дом, со елементи на градскиот плоштад и заштитниот грб на градот. Делото е на Наташа Кузмановска од Скопје.
–Чест ми е како занаетчија претставник на републичката занаетчиска комора да ја добијам наградата. Ова е сликање на стакло односно некој го нарекува сликан витраж, меѓутоа витраж е поинаква техника, ова е слика на стакло. Го искористив објектот на Занаетчискиот дом во Куманово како мотив во случајот. Грбот на Куманово е присутен кој што мислам дека е убав детаљ во целата композиција и се надевам дека на сите ќе им се допадне ова дело-истакна таа.

Креаторката на најдобриот сувенир од општината ќе добие 30.000 денари, а има обврска да достави 10 примероци кои ќе се врачуваат на збратимени, пријателски градови и други гости.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски информираше дека годинава на конкурсот биле пријавени четири учесници, кои доставиле дела кои ја отсликуваат традицијата, културно-историските, духовните, материјални и природни богатства на Куманово.
-Ги поттикнувам сите автори да продолжат да работат и да се пријавуваат на нашиот конкурс, а во оваа прилика сакам да се заблагодарам и јавно на авторката со која што денеска ќе потпишеме и договор за соработка во следниот период таа ќе има обврска, покрај тоа што ќе ја добие наградата во износ од 30.000 денари, да испорача и одреден број на сувенири на општината кои ние вообичаено ги врачуваме на гостите на градот-нагласи тој.
Димитриевски информираше и дека заедно со Занаетчиската комора работат на отворање сувенирница и туристички информативен центар. Просториите би требало да бидат сместени токму во Занаетчискиот дом.
-Штом ќе се заврши постапката која што ја водиме за објектите во Занаетчиски дом деловните просториите, веднаш потоа и ќе донесеме одлука на Советот и ќе испразниме еден од постоечките локали и на таа локација сакаме да го отвориме овој центар. Во соработка со Занаетчиската комора ќе има исклучиво јавна набавка, во сувенирницата ќе може да се купат различни сувенири чии приходи ќе одат директно во комората, кај занаетчиите, а дополнително инфо центарот ќе биде финансиран од општина Куманово-посочи тој.
