Максим Димитриевски ќе продолжи да ја менаџира општина Куманово и во наредните четири години, откако вчера во вториот круг од локалните избори освои 16.792 гласа, односно 50 проценти од вкупниот број избирачи гласале за кандидатот од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Неговиот противкандидат, независниот Горан Стојковски Диро освои вкупно 15.433 гласови, односно 46,05 проценти.
Правото на глас во Куманово го оствариле 33.497 граѓани од вкупно 94.041 лица, односно излезноста била 35,68 отсто. Неважечки биле 1.317 ливчиња.
Димитриевски заедно со сопартијците и коалициските партнери победата во Куманово ја прослави на градскиот плоштад.
„Ние од ЗНАМ, јас како градоначалник на Куманово ја примив пораката од кумановци. Моја обврска е да продолжам во континуитет да работам за мое Куманово и дополнително да работам ЗНАМ да се етаблира на политичката сцена. Сакам да се заблагодарам на сите коалициски партнери кои дадоа поддршка, тргнувајќи од ВМРО ДПМНЕ и целата владина Коалиција, но пред сè на кумановци кои не се штедеа себе си, излегоа на избори. Што се однесува до нискиот одзив на излезност, порака веќе е сфатена драги кумановчани, ќе продолжиме посветено да работиме исклучиво за вас. Ниската излезност е повеќе од јасно дека граѓаните негодуваат, дополнително сметам дека имаа одреден број граѓани кои однапред сметаа дека победникот е познат, како и да е таа ќе биде предмет на анализа“, кажа Димитриевски.
Стојковски синоќа му ја честиташе победата на противкандидатот на изборите Димитриевски, истакнувајќи дека е горд на изборниот резултат, тимот „Ред за Куманово“ и чесната кампања.
„Првин дозволете ми да му ја честитам победата на противкандидатот и да му посакам успех во понатамошната работа затоа што успех на градоначалник не е само негов успех, туку е и успех за целиот град. Иако резултатите вечерва не се како што ги очекувавме, дозволете ми да ви кажам дека сум многу горд. Горд сум затоа што имавме една жива, креативна, инспиративна, најчесна кампања до сега видена во Куманово. Горд сум и на овој тим, на храбри, млади, креативни, искусни луѓе кои беа со мене во ова политичко патување. Дозволете ми да ви кажам дека ова за мене не беше само изборна трка, туку градска школа за чест и достоинство. Овој број на гласови не обврзува да продолжиме и понатаму. Нашите двајца другари, прекрасни луѓе ќе бидат дел од Советот на општина Куманово, ќе продолжат натаму да ги бранат интересите на Куманово и се надевам дека на следните избори ќе имаме сосема другио резултати“, кажа Горан Стојковски – Диро, независен кандидат за градоначалник на општина Куманово на Локални избори 2025.
Во првиот круг од локалните избори Максим Димитриевски освои 16.391 глас, односно 38,04 проценти од вкупниот број гласачи, а Горан Стојковски – Диро 5.973 гласа, односно 13,86 проценти.
