Голем број дечиња периодов прележуваат варичела или овчи сипаници, но најчесто лекувањето е во домашни услови, без да се пријави во Центарот за јавно здравје.
Иако станува збор за доста заразно заболување, најголемиот број деца варичелата ја прележуваат без компликации. Може да ја прележат и новородени и возрасни лица кои како деца не ја прележале болеста која се шири по капков пат (кивање, кашлање), преку воздух и преку кожата на заболен од варичела.
Вакцината против варичела не е задолжителна, туку се дава по препорака од лекарите. Интерес за оваа вакцина во Куманово нема, информираат надлежните од Детски диспанзер при Здравствениот дом.
-Против варичела има вакцина, меѓутоа вакцината не е задолжителна, таа се дава по индикација, по препорака од специјалисти, од супспецијалисти, од терцијалната дејност, таа се дава кај имуносупресивни заболени, кај личности кои што имаат контакт со такви луѓе за да не им пренесат затоа што кај нив може да бидат со фатални и со многу потешки последици, додека кај нас, вакцината кај дечињата е незадолжителна и исто така може да се вакцинира некој ако евентуално има препорака од педијатар, од специјалист дека има потреба да прими таква вакцина. Можам да истакнам дека како превенција на оние мајки кои што планираат бременост, а не прележале варичела, исто така може да се прими вакцината која што се дава во две дози, растојанието помеѓу двете дози треба да биде од 4 до 8 недели, така што може да ја имаме како превенција кај одредени возрасти. Ние ја имавме вакцината тука минатата година, од министерството за здравство имавме доставено по неколку дози, како една промоција дека имаме вакцина и дека можеме да ја дадеме, меѓутоа да ви кажам искрено, немавме заинтересирани, така што некој доаѓа, некој прашува, но поретки се тие што прашуваат, затоа што се смета дека дечињата во таа возраст подобро е да ја прележат варичелата, меѓутоа ако некои имаат полесно загрозувачко здравје тие треба да примаат вкцина, изјави д-р Валентина Богоевска – Димитриевска, раководител на Детски диспанзер, Здравствен дом Куманово
За разлика од варичелата, мрп вакцината која е против морбили, рубеола и заушки е задолжителна во Македонија, но многу често се одложува од страна на родителите.
Опфатот со мрп вакцината со првата доза во Куманово континуирано е низок и изнесува под педесет проценти.
„Но, загрижувачки е што паѓа опфатот на вакцинирани и кај училишните деца кога треба да се прима ревакцина. Дел од родителите оваа вакцина тесно ја поврзуваат со аутизмот, што вопшто не е е точно“, потенцираат од Детскиот диспанзер.
– За морбили вакцината е редовна, се вакцинираат децата, меѓутоа процентот е многу мал и Куманово загрижува во тоа затоа што ние константно ги повикуваме, ги викаме на возраста кога треба да примаат, ако заостанале повторно ги повикуваме. Оние кои што сакаат да ја примаат вакцината доаѓат и ја примаат и после два-три дена од навршена една година возраст, меѓутоа оние кои што имаат свое разубедување и свое убедување дека детето треба прво да прозбори, да прооди за да ја прими вакцината тоа воопшто не е точно и вакцината може само да заштити, а не да направи некоја дополнителна компликација. Секако тоа е генетика, секој во себе носи она што му е генетскиот код, така што вакцината не е причинител ниту на аутизам, ниту на некои други заболувања што владее такво мислење меѓу населението. Моја препорака е сите дечиња кои што се на онаа возраст на која што треба да ја примаат мрп вакцината нека дојдат и нека се вакцинираат затоа што во прво одделение повторно е ревакцината, така што тие што ја избегнуваат како мали, ја избегнуваат и на училишна возраст, несвесно или свесно незнаејќи која е тежината на болеста морбили и какви компликации може да даде затоа што пак, мојата парола е подобро да спречиме отколку да лекуваме, изјави Богоевска- Димитриевска.
Mали сипаници се високо заразно инфективно заболување предизвикано од вирусот на Морбили. Брзо и лесно се пренесува со кивање и кашлање при близок контакт со болен или директен контакт со секрети од заразни луѓе.