(ВИДЕО) Новогодишни пакетчиња од општина Куманово

За децата без родители и родителска грижа, лицата со интелектуална попреченост  од „Порака наша“ и корисниците на дневниот центар за лица со посебни потреби, кој е во надлежност на министерството за труд и социјална политика, традиционално општина Куманово обезбеди новогодишни пакетчиња кои им ги врачи Дедо Мраз, а потоа имаа можност и да се фотографираат со најсаканиот дедо.

-Оваа година обезбедивме и поголем број пакетчиња за децата од социјално ранливите категории, еден дел ќе бидат поделени преку невладините здруженија и организации и на децата Роми и на други наши сограѓани се со цел барем на момент да им го проубавиме детскиот џагор и живот и на нив и на нивните семесјтва. Оваа година општина Куманово нема да има традиционално новогодишно украсување, тие средства ќе се заштедат и следната година ќе бидат инвестирани во еден енергетско ефикасен проект, тоа би бил проектот – Поставување на соларни панели на градскиот базен каде што на овој јавен објект би се направиле поголеми заштеди во делот на потрошувачка на електрична енергија и тоа би бил еден наш придонес за енергетската криза, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово

Триесетина деца без родители од општина Куманово се сместени во осум згрижувачки семејства, информира педагогот Наџие Мустафа, вработена во Центарот за социјална работа.

– Едно семејство може да згрижи најмногу пет здрави деца, а само едно дете со тешка попреченост. Како и секоја година градоначалникот ќе им подари новогодишни пакетчиња,  децата се презадоволни, изјави Наџие Мустафа, педагог, вработена во Центар за социјална работа

По повод претстојните празници деновиве Димитриевски подели новогодишни пакетчиња и во Здружението за глуви и наглуви лица-Куманово и на дечиња од ромската етничка заедница.