Општина Куманово денеска организираше јавна дебата со граѓанските организации и фондации од градот на која беа дефинирани приоритетните области за претстојниот јавен повик во рамките на проектот „Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD2)”. Општина Куманово ја продолжува соработката со УНДП и во втората фаза од проектот кој почна во 2017-та година. Целта е да се подобри соработката на општината со граѓанските организации, преку реализација на проекти.
-Општина Куманово потпиша Меморандум за соработјка со УНДП кој во наредните 4 години ќе финансира грантови од граѓански организации од општина Куманово со приоритети кои денеска заеднички ги поставивме, така што во јануари треба да започне првиот повик за граѓанските организации. Вкупната сума ќе биде околу 120.000 евра. Наредната година приоритетите ќе бидат, социјална заштита, социјална кохезија, заштита на животната средина, младите како посебна компонента и култура и спорт. Граѓанските организации и фондации денеска ги интересираше дали се вклопуваме заеднички општина Куманово, УНДП, ГО во делот на приоритизација за наредните активности, изјави Донка Петровска, општина Куманово

– Втората фаза која што почна во јануари 2021-та опфаќа поголем број на општини, сега се осум, меѓутоа сепак соработката со две општини од првата фаза ја продолжуваме и тука ја избравме преку јавен повик и општина Куманово. Проектот е финансиран од ЕУ, го спроведува Програмата за развој на ОН и УНДП. Целта е како и претходно да ја подобриме соработката на општината со граѓанскиот сектор на начин на кој што општината од една страна транспарентно, со поголема вклученост од граѓанскиот сектор ќе ги финансира граѓанските организации на еден транспарентен и отчетен начин, а од друга страна пак, и граѓанските организации ќе одговараат на повиците на општината со тоа што ќе изработуваат проекти кои што се од значење за општината, односно одговараат на некои потреби на граѓаните од општина Куманово. Денеска беа дефинирани приоритетите врз база на кои од јануари ќе се распише јавен повик. Се надеваме дека ќе имаме добар одзив од ГО и дека ќе има интересни и добри проекти кои што ќе можеме да ги финансираме преку грантовата шема, изјави Билјана Георгиевска, проектен раководител на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD2)”.

Се очекува на повикот да се аплицира со иновативни проекти со еколошки активизам за зачувување и унапредување на животната околина, како и подигнување на еколошката свест за превенција од загадување на воздухот и справување со дивите депонии, потоа проекти и активности за подобрување на вештините и способностите на невработените лица за вработување или самовработување преку иновативни идеи за обуки, доквалификација и преквалификација и
нивно прилагодување кон потребите на пазарот на труд. Од областа на културата се очекуваат проекти за зaчувување и унапредување на културните споменици и знаменитости, како и зајакнување и унапредување на културните вредности и навики на граѓаните на локално ниво низ нов социјален инклузивен пристап, а кога станува збор за младинските иницијативи – проекти за поттикнување на младински активизам за решавање на проблемите на младите во локалните средини и нивно прилагодување кон општествените состојби во државата и локалната заедница, подигнување на капацитетите на младите за вработување и самовработување. поттикнување на здрав живот и здрави навики кај младите преку спортски активности, иницијативи за поттикнување на меѓуетничка толеранција и мултикултурализам преку поттикнување на заеднички активности меѓу различни етнички групи, активности за спречување на врсничко насилство и активности за поддршка на младите во рурални средини.
