Расте бројот на новозаболени од ковид 19 во Куманово. Од центарот за јавно здравје Куманово потврдуваат дека состојбата е загрижувачка. Станува збор за кластери во семејства, кои биле на прослави и летни одмори. Здравствените работници со апел да се почитуваат мерките и препораките за заштита. Само последнава седмица регистрирани се 454 заразени.
-Станува збор за тренд на зголемување на бројот на заболени, само за две недели промена во инциденца е за 354 проценти. Минатата недела има починати 16 лица, а активни случаи се 708. Очекуваме доколку продолжи непочитувањето на мерките и невакцинирањето, бројот на новозаболени и во текот на наредниот месец наша проценка е дека ќе расте-истакна Јадранка Стаменковска, епидемилог во ЦЈЗ Куманово.
Актуелната состојба со пандемијата, го зголеми и бројот на тестирања во лабораторијата на Центарот за јавно здравје. На пунктот дневно се реализираат по 100 ПСР тестирања, но и до 250 брзи тестови.
-За жал бројот на позитивни бргу расте последниве денови дури 50 процени од тестираните излегуваат позитивни, што е поразително. Ние сме спремни да одговориме и на поголем наплив, иако персоналот е прилично исцрпен, цело лето работиме без одмори-вели д-р Дане Милошевски, началник на лабораторија ЦЈЗ Куманово
Здравствените работници апелираат граѓаните, особено лицата со хронични болести, да ги почитуваат препорачаните заштитни мерки.
