Средношколци од кумановските училишта денеска беа во посета на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и Основен суд Куманово со цел да се запознаат со работата и надлежностите на дел од институциите, а особено со работата со малолетни лица, а се пројави интерес и за последиците од прекршоците и евентуално кривичните дела кои што ги прават малолетниците. Активноста ја организираше Отсекот за превенција при СВР Куманово во соработка со Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, на барање на учениците, посочуваат надлежните.
-Покрај она што се разговараше за основните функции на овие институции стана збор и за одговорност на младите во однос на злоупотребата на пиротехнички средства, за превентивни мерки за заштита и воопшто за мерки на превенција и заштита за безбедност на младите. Инаку во делот на превентивните мерки во рамките на кампањата која што се презема од проектот „Пиротехника не е играчка“ на подрачје на СВР Куманово, Отсек за превенција со почеток на месец декември реализира едукативни работилници во сите основни и средни училишта и паралелно со тоа одиме со јавни кампањи на сите подрачја, вклучуваме и познати личности од јавниот живот, лепење на постери на видни јавни места за постојано потсетување не само на законската одговорност, пред се на јакнење на свеста за заштита од последиците кои што може да настанат и по животот и здравјето на луѓето, пред се на децата, а всушност често пати тука се загрозени и миленичињата, изјави Виолета Богдановска, началник на Отсек за превенција, СВР Куманово
Заеднички пораки во рамките на проектот под мотото „Не користи петарди и пиротехнички средства”, вчера упатени и од општина Липково.

Кампањата, како што информира Богдановска ќе трае до завршувањето на празниците и во текот на 2022-та година до средината на јануари.

