Студеното време, но и групирањата на граѓаните за празниците кои веќе завршија, го зголемија бројот на интервенциите на Итната медицинска помош во Куманово. За време на празниците, во текот на едно деноноќие имало и до четириесетина повици од пациентите, а зголемен бил и бројот на амбулантските прегледи, претежно деца од предучилишна возраст, информираат лекарите.
-За амбулантите да кажам дека и тука се евидентира многу зголемен број на пациенти и тоа од 150 до 200 пациенти. Најчесто за време на викенд и за празниците, исто така беше зголемен бројот на прегледи, при што за амбулантските прегледи можам да кажам дека најчесто беа прегледи на деца од предучилишна возраст, имаше и возрасни, меѓутоа сепак таму доминираше детска патологија. Најмногу бараа помош за вирусни инфекции, значи зголемена температура, главоболки, болки во грлото, повраќање кај дечињата. За среќа, немаше случаи на повреди од ниските температури, најчесто интервенциите на нашите тимови беа кај хронични пациенти со белодробни болести, па имаше и компликација на тие случаи, кај кардиоваскуларни пациенти -покачени притисоци, меѓутоа сепак беа пациентите од хроничен карактер, каде што интервениравме, доколку нешто не можеше да се санира ги носевме на болничко лекување, на инфективно, на интерно, зависно од симптоматологијата на пациентите, изјави д-р Валентина Тодоровска Трајковска, Итна медицинска помош.
Од Итната медицинска помош посочуваат дека периодов доминираат вирусните инфекции. Од друга страна, пак не се евидентирани зголемен број на повреди предизвикани од сообраќајни незгоди, како што вообичаено се случува во летните и есенските месеци.
-Препораки за сезонски грип – најчестa превенција е вакцинација, ризичните категории е најдобро да се вакцинираат во периодот од октомври до декември, тоа е најдобро за да сe намалaт компликаци, смртни исходи, бидејќи тоа се ризични категории. Граѓаните да користат витамини, овошје, да не излегуваат во периоди кога има загаден воздух, изјави д-р Тодоровска Трајковска.
Надлежните од одделението за епидемиолошки дејности, исто така потврдуваат дека деновиве се зголемува бројот на заболените од вирусни инфекции, а пикот на сезонскиот грип се очекува кон средината на февруари.
