Третиот меморијален меѓународен турнир во шах „Мартин Петковски 2025“ се одржа вчера во организација на полициското здружение ИПА Регион Куманово. Турнирот традиционално се организира во чест на нивниот прерано починат колега и член на управниот одбор на здружението.
Најдобриот шахист на меморијалниот турнир е Миодраг Ѓоковиќ од ИПА Лесковац, кој всушност е трикратен шампион на турнирот, второ место освои Васе Аризанов од Струмица, а на третото место се пласираше Влатко Арсовски од Скопје. ИПА Регион Куманово првпат на натпреварот имаше претставник од понежниот пол.
„На натпреварувањето учествуваа шахисти од Прилеп, Струмица, Скопје, како и Лесковац и Косовско Поморавље од Србија…, изјави Горан Маневски, претседател на ИПА Регион Куманово.
Од организаторите за најдобрите на турнирот следуваа пехари, дипломи и пригодни подароци по што присутните имаа можност за размена на искуства и идеи и потсетување на работата и ангажираноста на Мартин Петковски во рамките на службата и ИПА организацијата.
Ревијално еден меч одиграа и Сергеј Петрушевски и Лука Николовски, мали надежи на шаховскиот спорт.
„ИПА Регион Куманово во рамките на годишната програма за работа традиционално по повод Денот на полицијата, 7 Мај организира хуманитарна акција, а во ноември месец ќе се одржи редовното Годишно собрание“, изјави Маневски.
ИПА Регион Куманово е дел од меѓународна полициска асоцијација.
ИПА -најголемата полициска организација во светот – е формирана на 1 јануари 1950 година.
На 22 август 2011 година на основачкото собрание на меѓународното полициско здружение – Оддел Македонија, (ИПА Македонија) едногласно е донесена одлука за основање, регистрација и отпочнување со работа на здружението.
Основни цели на здружението сe организирање и презентирање на семинари и обуки за членовите на здружението и за граѓаните, организирање и учество на спортски и културни активности, обезбедување на социјална и секој друг вид на помош за членовите на здружението и нивните семејства и дружење на членовите на здружението во согласност со принципите на ИПА и работата на Меѓународното полициско здружение. Главна цел на здружението е охрабрување на професионалната соработка и личното пријателство меѓу своите членови, со меѓусебно почитување и поддршка меѓу членовите и нивните семејства и соработка со други организации и поединци чии активности придонесуваат кон духовниот, културниот, општествениот и професионалниот развој на членовите, во согласност со принципите на ИПА.

