ВИДЕО: Целосна реконструкција на Гимназијата „Гоце Делчев“

Со проект вреден околу 21 милион денари целосно ќе се реконструира Гимназијата „Гоце Делчев“. Деновиве се работи на менување на покривот и поставување на енергетска ефикасност на фасадата, а претходно беа поставени и нови прозорци. Средствата се обезбедени од Општина Куманово.

– Се работи на замена на целата столарија во училиштето каде што се поставени прозорци со висок квалитет со четири сезони, три комори. Тоа веќе целосно е завршено, сега во тек е менување на кровната конструкција којашто може да кажеме дека е 80 отсто досега завршена работата и се работи на поставување на енергетска ефикасност на фасадата, изјави Марија Тодоровска, директор на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.

Со проектот се предвидува и целосна замена на подната површина на училишната спортска сала, бојадисување на ѕидовите и поставување на нова електрика.

– И тука во спортската сала ќе има замена на кровната конструкција со квалитетни сендвич панели. Во меѓувреме заврши тендерот за набавка на информатичка опрема менување на врати на училници, купување на училишен мебел, нови столчиња со висок квалитет, така да во целост ќе биде реконструирано целото училиште, рече Тодоровска.

Минатата година во училиштето беше направена замена на санитарните јазли, а беа доопремени сите училници.

Модернизацијата на училиштето ќе продолжи и наредната година со замена на подните површини, а изработена е и целосна документација за уште еден проект со кој се планира да се постави лифт за учениците со попреченост, но допрва треба да се обезбедат средства за имплементацијата.