До „11 Ноември“ се очекува конституирање на новиот Совет

Политичките преговори и разговори за составување на новиот Совет на Општина Куманово ќе започнат деновиве, а првата конститутивна седница се очекува да се одржи до празникот на градот, „11 Ноември“.

Вкупно 33 имиња ќе бидат дел од новиот совет, но очигледно коалицирањето се уште не е целосно договорено. Како што изјави градоначалникот Максим Димитриевски се зависи од волјата на политичките субјекти кои ќе влезат во новиот советнички состав.

– Ние сме два паралелни органи, јас како градоначалник на оваа општина и Советот на Општина Куманово. Имам намера да ја дадам целосната поддршка во делот на конституирање на советот, но тоа е веќе политичка одлука на самите политички партии, се надевам дека до празникот „11 Ноември“ ќе успееме да конституираме ново мнозинство во Советот на Општина Куманово, да избереме нов претседател на советот, да составиме советнички групи и да ги донесеме сите акти согласно кои непречено ќе продолжи да функционира локалната самоуправа, изјави Димитриевски.

Димитриевски вечра официјално е разрешен од функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија, а деновиве се очекува да завршат и техничките формалности за да може целосно да одлучува и донесува акти во интерес на локалната самоуправа. На негово место во составот на Законодавниот дом влегува Лидија Тасевска, наставник по македонски јазик и литература и директорка на СОУ „Перо Наков“.

По конституирање на Советот ќе треба да се гласа и за нов претседател на оваа тело на локалната самоуправа, кое доаѓа по предлог на владејачкото мнозинство, во овој случај Коалицијата на СДСМ. Како имиња кои кружат во партиските кругови, тоа би можеле да бидат Атина Мургашанска која беше носителка на листата советници на изборите, но и секретарот на општинската организација на СДСМ и нов советник, Томица Илиќ .

Мнозинството во новиот Совет на општина Куманово и оваа година, според резултатите објавени на Државната изборна комисија, ќе го има СДСМ и коалицијата со 16 советници, што за нив значи 4 советници повеќе од претходните избори. ВМРО-ДПМНЕ освои 11 советници, што е за едно место помалку. ДУИ ќе има еден советник помалку, а новите партии во Советот се БЕСА со два мандати и Алијансата на Албанците со еден.

Коментари

коментар(и)