ЖРК Куманово утре против Вардар

Со натпреварот против Вардар утре во 14:30 часот започнува првенството за ЖРК Куманово, натпревар кој кумановки го играат на гостински терен и од кој ќе се трудат да излезат со победа и така да ја продолжат целата сезона.

Со двете засилувања и извонредната постава на клубот од минатата сезона се атакнува на двојна круна, односно победа во шампионатот и Купот на Македонија, за таа цел веќе се преговара и со две интернационални и неколку домашни ракометарки.

Осум натпревари во изминатиот месец беа одиграни на пријателска основа со екипи од региониот како дел од подготовките за новата сезона.

– Успеавме да искомбинираме пријателски натпревари и вистински припреми од кои сум презадоволен од ангажманот и посветеноста на играчите, при што успеавме да одиграме квалитетни натпревари, без повреди, со интензивни и доволно силни тренинзи. Физичката припрема се уште трае, инаку како екипа сме спремни да одговориме на сите предизвици оваа сезона и се надевам со успешна реализација од меч во меч, ќе успееме да ја реализираме титулата оваа година, изјави тренерот Зоран Јосимовски.

Ракометарката Бети Петковска уште еднаш ги истакна високите амбиции на ракометарките кои ветуваат возбудливи натпревари и максимален ангажман за титулата.

– Амбициите се на големо ниво, сакаме да го освоиме тоа прво место и Купот на Македонија, одигравме контролни натпревари во Србија и Косово од кои сме задоволни и ние и тренерот и се надеваме дека ќе успееме во тоа што ни е замислено, изјави Петковска.

Двата натпревари во рамките на ЕХФ Челиџ Купот, против составот на холандскиот тим Дамес Венло, ќе се играат на 10ти и 11ти ноември на домашен терен.

Проблем во претстојните натпревари се јавува единствено со салите во градот каде паркетот е во катастрофално лоша состојба. Пред месец дена пријавена е салата на ООУ „Христијан Карпош“ во населбата Перо Чичо, меѓутоа поради одредени проблеми засега е неизвесно дали ќе се игра таму или во салата на СОУ „Перо Наков“.

– Знаете дека горната сала ни беше суспендирана од Ракометната федерација поради состојбата на паркетот кој беше катастрофален, таму нешто малку е направено, но мислам дека не задоволува се уште, едниот дел од салата е во лоша состојба. Лично најмногу ни одговара салата во „Перо Наков“, затоа што е малку поголема, горе претесна веќе салата, ни се случува да стојат гледачите што е проблем со службените лица, па би било добро ако се договориме да се играат во „Перо Наков“. Од друга страна, европските натпревари мора да се играат во Спортската сала, бидејќи и тука е паркетот во катастрофална состојба, побаравме од федерацијата за тој натпревар да ни отстапат подлога да можеме да ја монтираме тука и да ни дозволат да се играат натпреварите во оваа сала, изјави Бобан Пеовски, претседател на ЖРК Куманово.

На 18ти и 19ти месецов, избраничите на тренерот Јосимовски ќе одиграат и пријателски натпревар против составот на Паок од Грција.

Коментари

коментар(и)