Завеани неколку села во Куманово и Нагоричане

Со шест соларки во текот на ноќта било интервенирано низ улиците во Куманово, а денес на помош пристигнува уште еден шлепер со сол, како и камиони со ножеви за прочистување на снежните наноси низ кумановско.

Како што соопшти градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски локалните патни правци се проодни, но сообраќајот се одвива отежнато.

Имаме према овој дел према Орашац и Кучкарево и тие дистантни места према Табановце, четирце, Долно Којнаре, значи сите брда каде има поголеми падавини и слаба пристапност. Сега се ориентираме да ги извадиме главните артерии во Куманово и да се ориентираме на приградските населби. Мислам дека постојано има дотур на сол, вчера уште еден шлепе на сол ситгна и постојано сме во контакт со нашите добавувачи и изведувачи на оваа работа – изјави Дамјановски.

Тој ги повика граѓаните да ги исчистат своите влезови и приоди пред приватните дуќани, а воедно најави дека и јавните претпријатија ќе бидат вклучени во расчистување на снегот.

Поголем проблем има на потегот на општината Старо Нагоричане, каде скоро сите села се завеани и отсечени, а како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи без електрична енергија се селата Пелинце, Сртновац, Старо и Младо Нагоричане, Довезенце, Стреовце и низа други.

Отежнато се одвива и сообраќајот на граничниот премин Табановце каде на патот имало доста снег, но по интервенција на „Македонија-пат“ патот бил исчистен. Отежнат сообраќај се одвива и по патиштата низ селата Никуштак и Умин Дол.

Кон Крива Паланка сообраќајот се одвива доста отежнато, а на одредени места има и наноси од снег, а сообраќајот се одвива во тешки зимски услови. Во текот на ноќта од страна на „Македонија пат“ биле фрлени околу 200 тони ризла и 70 тони сол на патот Куманово – Крива Паланка.

До Регионалниот центар за управување со кризи немало посебни дојави од граѓаните на Општина Липково, каде навеале околу десетина сантиметри снег. Сите населени места имаат струја, а коловозите се прочистуваат редовно. Локалната самоуправа со тешка механизација се справувала со снегот во текот на вечерните часови, по што снегот продолжил да паѓа со ослабнат интензитет.

Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи во Куманово вчера и во текот на ноќта се формирала снежна покривка од 18 сантиметри, а врнежи од снег со послаб интензитет имаше и во текот на денешниот ден.

Коментари

коментар(и)